Утрински Весник
Балкан

Грција денеска во 24-часовен штрајк: Ограничувања во превозот и протести во повеќе градови

Protest grcija.jpg

Вработените во јавниот сектор во Грција денеска, 25 ноември, одржуваат 24-часовен штрајк, кој ја нарушува работата на институциите и на дел од транспортот. Кон протестните активности се приклучуваат и синдикати од приватниот сектор, просветни работници и вработени во сообраќајот.

Штрајкот е организиран од конфедерацијата на синдикатите на државните службеници АДЕДИ. Во акцијата учествуваат и Федерацијата на здруженијата на грчката служба за цивилно воздухопловство и Федерацијата на поморците, поради што се очекуваат нарушувања во воздушниот, поморскиот и копнениот превоз.


Синдикатите бараат повисоки плати, склучување колективни договори и подобри работни услови. Меѓу барањата се и воведување седумчасовен работен ден и работна недела од 35 часа.

Протестни собири се најавени во Атина, Солун, Патра, Лариса, Волос, Пиреја, Ираклион и Хања. Во централните делови на овие градови можни се затворања улици и булевари, како и привремени блокади на сообраќајот.

Метрото и трамваите во Атина, според најавениот режим, ќе сообраќаат од 9 до 18 часот по локално време, меѓу другото и за превоз на учесниците на протестните собири. Надвор од тој период патниците треба да сметаат на ограничена достапност на овие линии.

За граѓаните што денеска патуваат кон Грција или се движат низ земјата, важно е пред поаѓање да го проверат статусот на конкретниот лет, бродска линија или друг превоз. Учеството на транспортните синдикати не значи дека сите услуги имаат ист режим на работа, па информациите треба да се проверуваат директно кај превозниците.

Можете да прочитате

Богдановиќ: Постојат индиции за вмешаност на други држави во политичките процеси во Србија

Земјотрес од 4,6 степени ја погоди Турција, следуваа уште пет потреси

Лажел дека има акутна леукемија: Добил донации од 190.000 евра