
Синдикатот на вработените во Европската комисија го критикуваше раководството на институцијата за недоволно информирање на вработените за големиот кибернапад, за кој, тврдат тие, првпат дознале од медиумските извештаи; во исто време личните податоци се потенцијално изложени на ризик, а некои внатрешни системи за пресметување на платите и евидентирање на отсуствата не функционираат.
Тоа го објави денеска Политико повикувајќи се на интерна е-порака во која имале увид.
Претседателот на огранокот на синдикатот „Renouveau & Democratie“ (R&D) во Европската комисија, Кристијано Себастијани, во е-пошта, до која имал пристап Политико, навел дека раководството на комисијата се уште не испратило никакво официјално известување за инцидентот до вработените, ниту им дало сеопфатно објаснување.
„Неприфатливо е што нема интерна комуникација“, напиша Себастијани во пораката насловена како „Вработените заслужуваат одговори сега“.
Во меѓувреме, Европската комисија јавно потврди дека инцидентот се случил.
„Едноставно е незамисливо медиумите ширум светот да известуваат за инцидентот, а вработените сѐ уште чекаат директно известување од институцијата“, рече тој.
Синдикатот има неколку илјади членови, наведе Себастијани.
Според него, некои вработени му кажале на синдикатот дека нивните раководители негирале дека се случил кибернапад, претставувајќи го инцидентот како вообичаен технички проблем.
Претставникот на синдикатот оцени дека недостатокот на комуникација е особено сериозен бидејќи се засегнати внатрешните системи за управување со човечки ресурси, поради што чувствителните лични податоци би можеле да бидат изложени на ризик. Тој ја повика Европската комисија веднаш да ги извести сите вработени за инцидентот, вклучувајќи информации за тоа кои податоци биле засегнати, и да спроведе независна ревизија.



