
Соопштение за јавнот на Левица:
„Тоа што треба да биде буџет на Република Македонија, веќе две години е ексклузивно буџет на Христијан Мицкоски, кој се однесува како суверен над сите нас”, истакна пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција по повод Предлог-буџетот за 2027 година, најавувајќи 80 амандмани со кои Левица предлага, како што велат тие, поинаква распределба на јавните пари, во интерес на граѓаните, наместо во интерес на владејачката врхушка. Мециновиќ потенцираше дека власта на ДПМНЕ досега не прифатила ниту еден опозициски амандман, со што државниот буџет практично го претворила во ексклузивен инструмент на сопственото владеење.
Наспроти ваквото авторитарно располагање со јавните финансии, Левица предлага интервенции во социјалната заштита, здравството, образованието, домашното производство, земјоделството, инфраструктурата, правосудството, животната средина и многу други сектори.
Дополнителни 500 милиони денари за семејствата со деца, особено за семејствата со ниски приходи и самохраните родители, 50% зголемување на надоместоците за глувите и слепите лица и за помош и нега од друго лице, нов дом за стари лица и 1.000 станбени единици за асистирано живеење се дел од социјалните приоритети.
Во пакетот се предвидуваат и поддршка за малите и средните претпријатија, модернизација на индустријата, инвестиции во земјоделството и осум милиони евра за преработка на вишокот винско грозје во Кавадарци.
Во здравството Левица бара средства за нов клинички центар во Скопје, продолжување на изградбата на Клиничката болница во Штип и ставање во функција на постојниот линеарен акцелератор во Битола.
За студентите се предлагаат зголемен студентски оброк, субвенциониран меѓуградски превоз и дополнителни 300 милиони денари за стипендии.
Амандманите опфаќаат и лесна железница низ Скопје, гасификација на ТЕЦ Неготино, противпожарни возила, засилени инспекциски контроли врз загадувачите, санација на колекторскиот систем Охрид–Струга, нови вработувања во обвинителствата, задолжителен GPS-систем за службените возила, како и вложувања во културата и спортот.
Посебен акцент Мециновиќ стави на алармантната состојба со семејното и родово базираното насилство, за кое Левица поднесува седум посебни амандмани во вкупна вредност од 651 милион денари. Левица предлага средства за нови шелтер-центри, центри за третман на жртви на сексуално насилство, специјализирани советувалишта, кадровско зајакнување на центрите за социјална работа, заеднички оперативни тимови на полицијата и социјалните служби, бесплатна здравствена заштита на жртвите и единствен електронски систем за следење на случаите.
Мециновиќ предупреди дека жртвите на насилство не смеат да бидат оставени сами да талкаат од институција до институција додека опасноста продолжува, ниту жената која го напушта насилниот дом да остане без покрив над главата. „Државата мора да обезбеди безбедно сместување и услови за започнување нов живот”, порача тој, нагласувајќи дека институционалната заштита не може да се гради со соопштенија и апели, туку со финансиски средства, стручен кадар, функционални центри и координирано постапување. Според Мециновиќ, состојбата со семејното и родово базираното насилство веќе ги надминала сите граници на нормалното, а државата мора конечно да ја преземе одговорноста за заштита на жртвите.
Но, како што нагласи пратеникот, проблемот не завршува со распределбата на буџетските средства. „ВМРО-ДПМНЕ како најголема партија сега, нејзината сила и нејзиниот агенс е паралелен на агенсот на институциите. Затоа имаме вакви случаи, престапи и неказнивост, затоа што тоа е културата која ја гајат овие партии”, посочи Мециновиќ, оценувајќи дека коруптивните и клиентелистички мрежи на традиционалните партии ја поткопуваат довербата во институциите. Тој истакна дека граѓаните многу добро ја препознаваат состојбата и дека не може бесконечно да им се продава декларативно соочување со проблемите додека суштински ништо не се презема.
На крајот, Мециновиќ упати порака дека ДПМНЕ го користи државниот буџет за подобрување на позициите на фирмите и семејствата поврзани со владејачкото раководство, оценувајќи дека секој нареден буџет и ребаланс под оваа власт ќе ја продолжи истата практика. „Да си го вратиме клучот до буџетот на Република Македонија е да ги избркаме оние кои го сметаат за свој личен буџет надвор од институциите на одлучување”, порача Мециновиќ, потенцирајќи дека конечната пресметка со клиентелистичкиот систем мора да дојде и преку изборите, со отстранување на партиите кои државните ресурси ги третираат како сопствен имот.


