
Ирина Настеска преку објава на Фејсбук побара од надлежните институции да разгледаат дали нејзиното семејство може да го посвои бебето што го примило на згрижување кога имало само 16 дена. Таа вели дека седум месеци се грижеле за детето, а потоа добиле информација дека ќе биде дадено на посвојување. Нејзиното семејство, како што наведува, е запишано во регистарот на потенцијални посвоители.
Настеска во објавата раскажува како изгледал животот на семејството откако го примиле новороденчето во својот дом. Го хранеле и го успивале, се буделе ноќе за него и ги следеле неговите први насмевки. Со текот на месеците, вели таа, меѓу нив и бебето се развила силна приврзаност.
„Станавме негово секојдневие, неговата сигурност, неговата блискост“, напиша Настеска.
Според нејзиното сведоштво, семејството било известено дека следниот чекор е посвојување на детето. Откако ја добиле таа информација, Настеска јавно праша како се разгледуваат потенцијалните посвоители и дали во постапката може да се земе предвид семејството во кое детето веќе живее.
„Зошто ние немаме предност или барем можност да бидеме разгледани како потенцијални посвоители на бебето за кое веќе седум месеци се грижиме?“, прашува таа.
Во објавата, Настеска бара надлежните да објаснат дали при процената на најдобриот интерес на детето се зема предвид неговата приврзаност кон луѓето што се грижат за него. Таа прашува и дали е разгледана можноста бебето да продолжи да расте во домот во кој живее од своите први денови.
„Бараме одговор, објаснување и правична можност нашата ситуација да биде разгледана, земајќи ја предвид врската што е создадена меѓу нас и детето“, пишува Настеска.
Таа вели дека бебето влегло во нивниот дом по 22 години обиди да станат родители. Во објавата се навраќа на моментот кога го примиле и на тоа колку нивното секојдневие се променило во месеците што следувале.
„Не знаевме дека за седум месеци ќе стане толку голем дел од нашите животи, ниту дека еден ден ќе мораме да се бориме за можноста да продолжиме да бидеме негово семејство“, наведува таа.
Апелот го упати до надлежното министерство и Центарот за социјална работа. Од нив побара јавно да ги објаснат критериумите според кои се носи одлуката за посвојување и да одговорат дали во конкретниот случај може да се разгледа кандидатурата на згрижувачкото семејство.
„Ве молам, пред секоја одлука, размислете за детето. За неговото срце, неговата сигурност и неговото право на стабилно и исполнето детство“, порача Настеска.


