
На денешната седница на Советот на Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски одговори на обвинувањата за урбанистичкото планирање, посочувајќи дека последиците од деталните урбанистички планови донесени во минатото и денес го ограничуваат постапувањето на Општината.
„Го унаказивте Центар со детални планови, панорамики, со згради на Водно по 8 спрата, без паркинг-места. Го унаказивте во изминатите години додека бевте на власт во Општина Центар. Носевте по 30 ДУП-ови, ги зголемувавте габаритите и градевте. И сега вие зборувате за градење во Општината, кој давал дозволи?
Законската регулатива е јасна. Кога има важечки детален план, ние како Општина можеме да кочиме извесен период, но работата е завршена и закопани се работите кога се носеле ДУП-овите, кога се дадени одредени права што тешко се менуваат. Многу тешко се менуваат!
Донесовме правилници за да ја регулираме злоупотребата на подземните нивоа кои граѓаните ги бројат како катови плус. А тука се кршеше Општината. Тој што ви ги дава соопштенијата да ги читате, тој ја кршеше Општината за да се гласаат ДУП-овите”, рече Герасимовски.


