
Еден месец пензиски стаж може да реши дали граѓанинот ќе добие старосна пензија, предупреди економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Тој го критикуваше условот за најмалку 15 години пензиски стаж, оценувајќи дека со него се погодени луѓето кои со години плаќале придонеси, а не го достигнале законскиот минимум.
„Ако имате помалку од 15 години стаж, на пример 14 години и 11 месеци, воопшто нема да имате пензија. Тоа е сосема неправедно“, изјави Лазовски.
Аналитичарот ја критикуваше и методологијата според која се утврдува висината на пензијата. Според него, граѓаните тешко можат да разберат како коефициентите и начинот на вреднување на стажот влијаат врз износот што ќе го добиваат. Тој смета дека секој осигуреник треба да може навреме, уште пред пензионирањето, да добие јасна пресметка за очекуваната пензија.
„Мислам дека нашиот пензиски систем е неправеден, поради тие 15 години што се бараат, поради казнените поени и коефициентите“, рече Лазовски.
Според него, пензиските реформи треба да ги опфатат условите за стекнување право на старосна пензија, начинот на кој се пресметува нејзината висина и заштитата на граѓаните со најниски пензиски примања.

