Утрински Весник
Балкан

Автомобилот на Фон дер Лајен гаѓан со јајца во Варна, Бугарија

Fon Der Lajen.png

Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Бугарија беше проследена со протести во Варна, каде што група демонстранти фрлаа јајца, овошје и зеленчук кон службените возила со кои се превезуваа европската функционерка и бугарскиот премиер Румен Радев.

Протестот се одржал на 10 ноември пред Поморската академија „Никола Вапцаров“, каде што Фон дер Лајен пристигнала во рамки на својата работна посета. Според информациите на Бугарската национална телевизија (БНТ), полициските службеници формирале безбедносен кордон за да спречат приближување на демонстрантите до автомобилите, но тоа не ги спречило дел од присутните да фрлаат различни предмети кон возилата.


На собирот, организиран од поддржувачи на партијата „Преродба“, присуствувале неколку десетици граѓани со бугарски знамиња и транспаренти со антивоени пораки. Под мотото „Варна сака мир, а не војна“, демонстрантите го изразиле своето противење на политиките на Европската Унија, извикувајќи пораки дека Фон дер Лајен не е добредојдена во Бугарија.

Главната причина за незадоволството бил ставот на европските институции кон војната во Украина. Учесниците на протестот изразиле загриженост дека одлуките на Брисел би можеле да ја вовлечат Бугарија во поширок вооружен конфликт. Покрај безбедносните прашања, дел од присутните се спротивставиле и на воведувањето на еврото, барајќи зачувување на националната валута.

„Не сакаме Бугарија да биде вовлечена во туѓа војна. Исто така, не го сакаме еврото, го сакаме бугарскиот лев“, изјавил еден од демонстрантите за БНТ.

Друг учесник упатил остри критики кон претседателката на Европската комисија, нарекувајќи ја „амбасадор на војната“ и обвинувајќи ја дека застапува политики кои, според него, не се во интерес на бугарските граѓани.

И покрај тензиите пред академијата, посетата продолжила според предвидената агенда. Фон дер Лајен остварила средба со бугарскиот премиер, на која во фокусот биле безбедносните предизвици во Црното Море и заштитата на поморскиот сообраќај.

Разговорите се одвивале во период на зголемена загриженост поради нападите врз трговски бродови и ризиците за цивилните пловила во регионот.

Во рамки на посетата, Фон дер Лајен најавила дополнителна финансиска поддршка од 10 милиони евра за Бугарија, наменета за зајакнување на капацитетите за пребарување и спасување во Црното Море. Предвидени биле и 50 милиони евра за заедничкиот центар за поморска безбедност на Бугарија и Романија.

Можете да прочитате

Во Загреб најавен собир по смртта на Периш

Во Косово уапсен германски државјанин кој превезувал 43 автоматски пушки

Пренесени во болница 25 лица со респираторни проблеми по ослободување гас во приватен училиштен комплекс во Атина