
Непријателот нема да може да го спречи Иран да произведува и модернизира оружје ниту за момент, изјави денеска портпаролот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), бригадниот генерал Хосеин Мохеби, и најави дека, доколку дојде до трет бран судири со непријателот, ќе откријат „достигнувања кои ќе го изненадат светот“ – ново оружје на иранските Воздухопловни сили.
– Постои и оружје кое ќе биде откриено и оперативно во случај на трет бран обновување на судирите со непријателот, оружје кое ќе го изненади целиот свет – најави Мохеби на прес-конференција во пресрет на неделата на иранското Воздухопловство, пренесе агенцијата ИРНА.
Како едно од достигнувањата на Воздухопловните сили на ИРГЦ, тој го откри постоењето на подземни ракетни градови и истакна дека тие настанале благодарение на флексибилната способност за продолжување на производството на ракети и дронови за време на воената состојба и под непријателско бомбардирање.
– Со оваа флексибилност, бевме во можност брзо да го преместиме производството на ракети од површината во подземјето. Сега, со автохтоното знаење и огромната и разновидна географија на Иран, користејќи ја оваа можност, бевме во можност да создадеме „град за производство на ракети под површината“. Тоа овозможи продолжување на производството за време на војна и под бомбардирање – рече портпаролот на ИРГЦ.
Непријателот, нагласи тој, ги брои иранските ракети верувајќи дека тие наскоро ќе се потрошат, но не беше свесен за оваа можност.
Мохеби додаде дека, благодарение на технологијата што ја користат, овозможиле модерната противвоздушна одбрана на непријателот на Иран, вклучувајќи ги системите ТХААД и „Патриот“, да стане неефикасна.



