
Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека секогаш ќе има поединци кои ќе се обидуваат да го злоупотребат системот, но дека најважно е институциите навремено да ги откриваат и санкционираат незаконските активности. Нејзината изјава следува по истрагата што МВР ја отвори за вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, поради сомнителни манипулации со оценки и испитни бодови на студенти.
„Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но битно е дека МВР и правдата функционираат. Човекот е откриен, се води истрага и понатаму ќе ги сноси сите консеквенции за нелегалните активности што ги направил“, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека електронските системи што се користат на високообразовните институции не ја исклучуваат можноста за злоупотреба, бидејќи со нив управуваат луѓе.
„Системите на факултетите се електронски, меѓутоа секогаш има човек што работи на тој систем. Секогаш може да се случи незаконско дејство, но важно е дека ние сме успеале тоа да го откриеме“, истакна министерката.
Според неа, откривањето на ваквите случаи има и превентивна улога, бидејќи испраќа јасна порака до сите што би се обиделе незаконски да влијаат врз оценувањето и академските процедури.
„Важно е да го спречиме и да им пратиме порака на другите кои би помислиле дека може такво нешто да направат, да се откажат од тоа“, рече Јаневска.
Министерката откри дека ова не е единствениот случај во кој постојат сомневања за незаконски активности во образовниот систем. Како што посочи, Државниот просветен инспекторат постапува по добиените пријави, а за неколку случаи веќе се водат судски постапки.
„Не е прв случај во кој имаме пријави. Секаде каде што сме имале пријави, ДПИ постапува и имаме и неколку случаи за кои се водат судски постапки, ќе видиме како ќе завршат“, изјави таа.
Во конкретниот случај на Универзитетот „Гоце Делчев“, Јаневска појасни дека нема потреба од постапување на Државниот просветен инспекторат, бидејќи истрагата веќе ја води полицијата.
„Овде ДПИ нема зошто да постапува, полицијата постапува“, нагласи министерката.
Таа ги охрабри студентите, професорите, административните работници и сите граѓани да пријавуваат какви било сознанија за незаконски активности во високообразовните институции.
Изјавата Јаневска ја даде по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година.


