Утрински Весник
Македонија

Миноски: Алта банка е ликвидна, но проблемите со сопственикот ја разнишуваат довербата

Img 7032.jpeg

Алта банка во Македонија располага со доволно средства за сервисирање на обврските, но случувањата со нејзиниот сопственик во Србија создаваат сериозен репутациски ризик и загриженост кај депонентите, оцени поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во вечерашното гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Миноски посочи дека неговата оценка за ликвидноста на банката се заснова на јавно достапните податоци и на информациите презентирани од Народната банка.


„Врз основа на официјалните податоци и она што го видовме на прес-конференцијата на Народната банка, банката е ликвидна“, изјави Миноски.

Тој објасни дека ликвидноста подразбира банката да располага со средства за исполнување на своите финансиски обврски кон компаниите и физичките лица. Сепак, нагласи дека во банкарскиот сектор финансиските показатели се тесно поврзани со довербата на клиентите и со репутацијата на сопствениците.

Според Миноски, одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија на 31 октомври има одраз и врз довербата во банката во Македонија. Како особено значаен го издвои фактот што српската банка поседува околу 90 проценти од акциите во македонската банка.

„Во овој случај имаме класична криза која се прелеала врз основа на случувањата со сопственикот на банката“, нагласи тој.

Миноски оцени дека одземањето на лиценцата на сопственикот претставува репутациски ризик, иако македонската банка работи во друга држава и е под надзор на друг регулатор. Според него, таквите околности бараат посебно внимание од надлежните институции, бидејќи банките управуваат со депозитите на граѓаните и компаниите, а нарушената доверба може да создаде дополнителен притисок врз нивното работење.

Во гостувањето тој се осврна и на случувањата во други земји од регионот, споменувајќи ги Босна и Херцеговина, односно Република Српска, како и Црна Гора. За Црна Гора посочи дека дозвола за работа ѝ била одземена на небанкарска финансиска институција вклучена во платниот промет.

Миноски нагласи дека случувањата кај сопственикот предизвикуваат оправдана загриженост и кај регулаторот и кај депонентите. Според него, иако Алта банка во Македонија функционира како посебен правен субјект во домашниот регулаторен систем, последиците врз нејзината репутација не можат да се игнорираат.

Можете да прочитате

Миноски: Пензионерите без картички не смеат да останат без средства за живот

Миноски: Граѓаните чекаат плати и пензии од Алта банка, мора да знаат кога ќе можат да располагаат со своите пари

Миноски: Без мерките на Народната банка, Алта можеше да се соочи со масовно повлекување на депозитите