
Пратеничката Славјанка Петровска упати остри критики до Владата поради предлогот за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, оценувајќи дека со образложението за ваквиот потег се доведува во прашање способноста на безбедносните институции. Таа порача дека, доколку власта остане доследна на наведените оценки, треба да следат оставки од министерот за внатрешни работи и од директорите на разузнавачките агенции.
На расправата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Петровска го оспори пристапот со кој утврдените недоследности се решаваат со укинување на законот, наместо со нивно отстранување.
„Не постои во нашата поблиска и подалечна историја која било влада што ќе даде карактеристика за безбедносно-разузнавачките служби дека се неспособни. Ако сакате да бидете доследни на она што сте го напишале, очекувам откако ќе се усвои законот да следат и оставки на оние што се одговорни во МВР, директорите на АНБ и Агенцијата за разузнавање и надлежните институции“, рече Петровска.
Таа посочи дека надлежните имале една година да ги коригираат констатираните недоследности, но наместо тоа сега предлагаат престанување на важењето на законот.
Според Петровска, укинувањето на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница претставува сериозен безбедносен проблем, особено во услови кога соработката меѓу институциите е клучна за одговор на глобалните предизвици.
„Дали ова значи дека безбедносните институции немаат капацитет да одговорат на глобалните предизвици?“, праша таа.
Дополнителна загриженост, според неа, предизвикува тоа што укинувањето на законот се предлага во период кога Владата најавува обединување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
Петровска оцени дека евентуалното спојување на службите не треба да започне со отстранување на постојните механизми за координација, без претходно да се понуди јасна слика за идната институционална поставеност и начинот на кој ќе се обезбеди нивната соработка.


