
Сајбербезбедноста на енергетскиот сектор добива конкретна институционална и стручна основа. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Регулаторната комисија за енергетика и другите релевантни институции и енергетски компании, реализираше значајни активности за зајакнување на заштитата на критичната енергетска инфраструктура. Како резултат на проектот „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“, изработени се Методологија за воспоставување секторски Енергетски CSIRT и сеопфатна Проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор.
Методологијата за воспоставување Енергетски CSIRT претставува практична основа за формирање специјализиран секторски механизам за одговор на компјутерски безбедносни инциденти. Таа ги поставува основите за координирано постапување, навремена размена на информации, известување за закани и инциденти, како и соработка меѓу енергетските компании, институциите и надлежните структури за сајбербезбедност.
Со воспоставувањето на ваков механизам, енергетските субјекти ќе добијат појасна рамка за тоа како да постапуваат при безбедносни инциденти, кому да се обратат и кои информации да ги споделат. Тоа е особено важно за меѓусебно поврзан енергетски систем, во кој инцидент кај еден оператор може да предизвика последици и врз другите делови од инфраструктурата.
Вториот значаен резултат е сеопфатната Проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор, изработена преку консултативен процес со институциите и енергетските субјекти. Документот ја анализира постојната состојба и ги идентификува потребите за унапредување на сајбер-заштитата, при што содржи препораки, насоки и приоритетни чекори за понатамошно дејствување.
Проценката треба да им послужи на енергетските субјекти како практична основа за препознавање на слабостите, утврдување на приоритетите и подобрување на сопствените безбедносни капацитети. Пристапот ги опфаќа и поголемите компании и субјектите со ограничени ресурси, со цел унапредувањето на сајбербезбедноста да стане заеднички приоритет на целиот сектор.
Реализацијата на овие активности е резултат на иницијативата „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“, поддржана од Владата на Република Словачка и спроведена со поддршка на УНДП. Министерството ја поддржа иницијативата од самиот почеток и, преку континуиран дијалог со УНДП, Регулаторната комисија за енергетика и енергетските компании, придонесе нејзиниот опфат да биде проширен со изработката на двата клучни документи.
Следниот чекор е препораките од проценката и насоките од методологијата да се преточат во конкретни активности, процедури и јасно утврдени одговорности. Тоа подразбира јакнење на стручните капацитети, континуирана обука на кадарот, практични вежби и унапредување на координацијата меѓу сите субјекти што управуваат со енергетската инфраструктура.
Сајбербезбедноста е составен дел од енергетската сигурност. Заштитата на дигиталните системи преку кои се управуваат производството, преносот, дистрибуцијата и снабдувањето со енергија е директно поврзана со сигурноста на услугите за граѓаните и стопанството.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи да ја поддржува соработката со надлежните институции, регулаторот, енергетските компании и меѓународните партнери, со цел резултатите од проектот да добијат практична примена и да придонесат за поотпорен, посигурен и побезбеден енергетски сектор.


