Утрински Весник
Македонија

ОЈО: Мажот во Хром бил задушен со перница, жената во Ѓорче Петров починала од ударите

Ojo.webp.webp

Четири лица се под истрага за две разбојништва во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, во кои сопствениците на куќите биле усмртени, а потоа биле одземени пари, накит и вредни предмети. Основното јавно обвинителство Скопје побара притвор за сите четворица осомничени.

Според обвинителството, првото разбојништво се случило во раните утрински часови на 22 октомври, кога осомничените насилно влегле во куќа во Хром. Сопственикот го врзале за рацете и нозете, го удирале по главата и телото, а потоа го задушиле со перница.


По нападот пребарувале низ куќата и одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од 300.000 денари.

Истиот ден, во попладневните часови, еден од осомничените со своето возило ги однел останатите до златарница во Старата скопска чаршија, каде што, според наводите од истрагата, го продале украденото злато за 2.840 евра.

Второто разбојништво се случило ноќта меѓу 26 и 27 октомври во куќа во Ѓорче Петров. Осомничените ја нападнале сопственичката, удирајќи ја по главата и телото, ѝ ги врзале рацете и нозете, ѝ ја врзале устата и ја внеле во бањата. Жената починала од ударите.

Од нејзиниот дом биле одземени пари, накит и вредни предмети во вкупна вредност од околу 200.000 денари. Украдениот златен накит потоа го продале на сличен начин како и по првото разбојништво.

Обвинителството ги сомничи четворицата дека како соизвршители сториле две кривични дела разбојништво од член 237 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Бидејќи, според обвинителството, жртвите при разбојништвата со умисла биле лишени од живот, истрагата се води за тежок облик на делото, за кој е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Предлогот за определување притвор за сите четворица е доставен до судија на претходна постапка.

Можете да прочитате

Јахији од ДУИ победил во Брвеница со стотина гласа предност

Стојаноска ја нападна ВРЕДИ: Наместо да се разликува од ДУИ, одигра во нејзина корист

АЛТА банка ги затвора експозитурите за клиенти од утре