Утрински Весник
Македонија

Димитриевски: Додека ЗНАМ е во Владата, правосудниот испит ќе се полага на македонски

Img 6916.jpeg

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска од Кочани порача дека партијата останува на ставот правосудниот испит да се полага на македонски јазик. Според него, почитувањето на Уставот и законите, македонскиот јазик и државниот суверенитет се прашања за кои нема простор за политички пазарења.

„Сè додека е ЗНАМ дел од Владата, правосудниот испит ќе се полага согласно закон и Устав, на македонски јазик. Може да има различни барања, притисоци и шпекулации, но нашиот став е јасен. Тоа се нашите црвени линии и од нив нема да отстапиме“, изјавил Димитриевски, според партиското соопштение.


Тој се обратил на настан во рамките на партискиот отчет под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, на кој раководството на ЗНАМ ги претставило резултатите од изминатите две години.

Во обраќањето Димитриевски се осврнал и на случајот со Ива Михајлова. Тој ги повикал бугарските власти да ја екстрадираат, повикувајќи се на потерница која, според неговата изјава, ја издало македонското Министерство за внатрешни работи.

„Очекуваме почитување на правните процедури и соработка со надлежните институции“, порачал Димитриевски.

Зборувајќи за односите со Бугарија, тој оценил дека ниската изборна излезност и апатијата кај тамошните граѓани не треба да се користат за создавање „лажни политички теми“ и за притисок врз Македонија.

Според соопштението на ЗНАМ, на панел-дискусијата се обратиле и Борче Серафимовски, Павле Арсоски и Ивица Андов. Во фокусот на нивните обраќања биле поддршката за земјоделците и домашното производство, законските решенија и реформските процеси, како и можностите за искористување на природните ресурси за економски развој.

Можете да прочитате

Вооружено разбојништво во Чаир: Тројца одзеле пари од обложувалница

Во скопски Карпош уапсен крадец на велосипеди

Макфест во знакот на големите музички имиња