Утрински Весник
Свет

Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците ширум Италија

20261020083528 big 730x400 37 1.webp.webp

Десетици илјади луѓе, главно студенти и работници, денеска излегоа на улиците ширум Италија, барајќи повисоки плати и подобри јавни услуги и протестирајќи против високите трошоци за живот и поголемите издвојувања за вооружување.

Синдикатот Unione Sindacale di Base свика генерален, 24-часовен штрајк, со протести планирани во повеќе од 40 градови.


Собирите се одржуваат по протестите претходно овој месец кои завршија со насилни судири со полицијата, грабежи на продавници и вандализам врз имот.

Денешните демонстрации главно поминаа мирно, но полицијата во северозападниот град Торино употребила воден топ за да ги растера студентите и левичарските активисти кои се приближиле до безбедносните коридори пред зградата на префектурата.

Во Рим, голем марш помина покрај Колосеумот. Демонстрантите таму поставија шатори и најавија дека ќе останат преку викендот. На некои улици биле поставени контејнери за ѓубре кои потоа биле запалени.

Во Милано, демонстрантите маршираа по градската обиколница, а потоа го завршија протестот пред универзитетот.

Во Џенова, околу 15 илјади пристанишни работници, студенти и други демонстранти влегоа во пристаништата, приклучувајќи им се на сличните собири во Европа и во светот против користењето на пристаништата за извоз на вооружување. Притоа ги истакнаа и страдањата на морнарите во конфликтите ширум светот, од Заливот до Црното Море.

Освен Италија, бран протести истовремено зафати многу земји во Европа, како Франција, Шпанија, Белгија, Албанија и Португалија, во голем дел мотивиран од незадоволството против високите трошоци за живот. 

Можете да прочитате

Сибиха: Зеленски е подготвен да преговара со Путин за териториите, но не во Москва

Судан ѝ понуди на Русија инвестиции во рудници и слободна економска зона на Црвеното Море

Ким Џонг-ун бара „апсолутна супериорност“ во технологијата на воени дронови