Утрински Весник
Македонија

Врховниот суд ги укина пресудите за пожарот во тетовската модуларна болница

Image 188479.jpg

Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот суд Тетово и Апелациониот суд Гостивар за пожарот во тетовската модуларна болница, во кој на 8 септември 2021 година животот го загубија 14 лица. Предметот е вратен на повторно судење пред Основниот суд Тетовo.

Одлуката е донесена на 22 октомври 2026 година, откако Врховниот суд ги уважил барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од двајцата обвинети Ф.Б. и А.Е., кои претходно беа осудени на по три години затвор за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“.


Клучната забелешка на највисокиот суд е дека пониските судови не утврдиле и не образложиле доволно јасна причинско-последична врска меѓу постапувањето на обвинетите и трагичниот пожар.

Според Врховниот суд, во пресудите недостасува сеопфатна анализа на доказите, како и конкретно образложение за тоа на кој начин секој од обвинетите придонел за настанувањето и ширењето на огнот.

Дополнително, не било јасно разграничено дали нивната кривична одговорност се темели исклучиво на необезбедувањето противпожарни апарати или и на други пропусти поврзани со безбедноста на болницата.

Врховниот суд посочил и недостатоци во оценувањето на вештачењата, особено во однос на одлуката на пониските судови да не го прифатат барањето на одбраната за сослушување на вештото лице кое ја изготвило експертизата од Германија.

Во предметот биле изведени и докази поврзани со електричната инсталација, градежните материјали и отсуството на противпожарни бариери, кои можеле да имаат значење за брзото ширење на пожарот. Сепак, пониските судови оцениле дека дел од овие околности не биле опфатени со обвинението.

Според Врховниот суд, ваквите недостатоци ја доведуваат во прашање основаноста на заклучоците за кривичната одговорност на обвинетите, поради што е неопходно повторно судско разгледување.

Со посебно решение, барањето поднесено од обвинетото правно лице – болницата, е отфрлено како недозволено.

Со оваа одлука обвинетите не се ослободени од обвинението, туку претходните пресуди се укинати, а Основниот суд Тетово ќе треба повторно да ги разгледа доказите и да донесе нова одлука во согласност со насоките на Врховниот суд.

Можете да прочитате

Мавровско Езеро порибено со 400 килограми риба, воведена двомесечна забрана за лов на крап

Јаневска: Обвинувањата на СДСМ за условите во „Стив Наумов“ не се точни, студентите живеат во еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот

ИЈЗ упатува препорака до граѓаните да го проверат вакциналниот статус и да се вакцинираат против морбили