Утрински Весник
Македонија

Искра Хаџи Василева доби најмногу гласови за нова шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Img 6831.jpeg

Искра Хаџи Василева доби најголема поддршка на гласањето за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со освоени 64 гласа, таа заврши пред Трајче Пеливанов, кој доби 57, а конечниот исход треба да биде потврден по истекот на роковите за приговори.

Разликата меѓу двајцата најдобро пласирани кандидати изнесува седум гласа. Трет според поддршката е Јован Цветановски со 30 гласа, додека Фатон Азизи доби 14, а Лидија Раичевиќ шест гласа.


Од вкупно 187 јавни обвинители со право на глас, на гласањето излегле 175. Дванаесет обвинители не го искористиле гласачкото право, а четири ливчиња биле неважечки.

Доколку изборот биде потврден по завршувањето на постапката, Хаџи Василева ќе го наследи Ислам Абази, кој ја извршуваше функцијата од 2022 година. Таа би била втората жена на чело на ова обвинителство, по Вилма Рускоска.

Хаџи Василева во јавноста е позната и по постапувањето во предметот против судијата Ѓоко Ристов, поврзан со 350.000 евра пронајдени заѕидани во домот на неговите родители.

Во трката за раководната функција, покрај Хаџи Василева и Пеливанов, учествуваа Фатон Азизи од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.

Петтемина кандидати ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители на 13 октомври. Како приоритети ги посочија зајакнувањето на финансиските истраги, поефикасната борба против корупцијата и поголемата независност на Обвинителството.

Можете да прочитате

Неофицијално: Искра Хаџи Василева освои најмногу гласови за шеф на Обвинителството за организиран криминал

Ги врзувале, тепале и ограбувале за пари и злато: Нови детали за двете убиства во Скопје

Двајца мигранти од Алжир краделе пари од кафуле во Аеродром