Утрински Весник
Македонија

Пекевски: На Вучиќ му пресудија 14 години власт, трагедијата во Нови Сад и незадоволството на младите

Img 6797.jpeg

Долгогодишното владеење на Александар Вучиќ, трагедијата во Нови Сад, незадоволството на младите и однесувањето на дел од владејачките структури се меѓу клучните фактори што придонеле за изборниот успех на Студентската листа во Србија. Ова го оцени аналитичарот Синиша Пекевски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, каде што ги анализираше изборните резултати, составот на листата и предизвиците со кои таа би можела да се соочи при преземањето на политичката одговорност.

Според Пекевски, изборниот резултат не може да се објасни со еден единствен настан, туку претставува последица на повеќегодишно акумулирање незадоволство кај дел од српските граѓани.


Тој посочи дека по околу 14 години владеење на Вучиќ, кај дел од јавноста се создало чувство дека постојниот политички модел не нуди доволно можности за напредок и промени. Според неговата оценка, токму заморот од долгогодишното владеење придонел за зголемување на поддршката за Студентската листа.

Како еден од пресвртните моменти Пекевски ја посочи трагедијата во Нови Сад од 1 ноември 2024 година, кога при уривањето на настрешницата на железничката станица загинаа 16 лица. Настанот предизвика масовни реакции и протести, а прашањата за институционалната одговорност и безбедноста станаа централни теми во српската јавност.

Според аналитичарот, дополнителен фактор било однесувањето на дел од политичките структури, кое дел од граѓаните го доживувале како арогантно и конфликтно. Тој оцени дека ваквиот однос придонел за продлабочување на незадоволството, особено кај младите.

Пекевски посочи дека новите генерации не се подготвени безрезервно да ги прифаќаат политичките и општествените модели што со години функционирале во Србија. Според него, студентското движење успеало да го артикулира тоа незадоволство и да привлече поширока поддршка.

Осврнувајќи се на составот на Студентската листа, аналитичарот нагласи дека отсуството на класично политичко лидерство не значи дека кандидатите немаат политичко или институционално искуство.

Тој објасни дека меѓу кандидатите има универзитетски професори, лица кои претходно извршувале институционални функции, како и луѓе со искуство во политичкиот живот и опозициските структури.

Како пример го спомена Дејан Шушкиќ, кого го претстави како поранешен портпарол на Народната банка на Србија, посочувајќи дека листата не може да се третира како група составена исклучиво од политички неискусни лица.

Сепак, Пекевски отвори прашања за начинот на кој Студентската листа ќе функционира по изборите. Според него, во јавноста сè уште не е доволно јасно кој ќе ја преземе водечката политичка улога, како ќе се усогласуваат различните ставови и кој ќе ја носи одговорноста за одлуките.

Аналитичарот се осврна и на улогата на традиционалните опозициски партии, односно на нивното повлекување во корист на Студентската листа, оценувајќи дека и тоа е важен елемент за разбирање на изборниот резултат.

Според Пекевски, вистинскиот тест за Студентската листа ќе биде нејзината способност да се организира, да изгради функционален механизам за донесување одлуки и да ја преземе политичката одговорност.

Тој оцени дека изборниот успех претставува резултат не само на поддршката за студентското движење, туку и на поширокото незадоволство од политичките состојби во Србија.

Можете да прочитате

Ги врзувале, тепале и ограбувале за пари и злато: Нови детали за двете убиства во Скопје

Двајца мигранти од Алжир краделе пари од кафуле во Аеродром

Тошковски од САД: Најсовремените светски технологии и искуства во функција на поголема безбедност на граѓаните во Македонија