
Слободата на медиумите не се докажува само преку декларативно залагање за демократските вредности, туку и преку конкретни механизми што гарантираат дека новинарите можат слободно, професионално и без страв да ја извршуваат својата работа. Токму во таа насока е одлуката на Владата предводена од Христијан Мицкоски за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, со кој ова прашање добива организиран институционален пристап.

Досегашната евиденција на Здружението на новинарите на Македонија сведочи за сериозноста на проблемот. Физички напади, закани по живот, заплашувања и уништување имот се дел од регистрираните случаи низ годините, меѓу кои нападот врз новинарската екипа на „Алсат-М“ при известување за пожар во Скопје во јули 2025 година, упадот во редакцијата на „Инфомакс“ во декември истата година и заканите по живот упатени кон новинарот Ерол Ризаов во август 2026 година. Овие случаи покажуваат дека безбедноста на новинарите не смее да зависи од околностите, темата за која известуваат или интересите на оние што се предмет на нивните новинарски прашања.
Од формална определба до конкретен институционален механизам
Важноста на новоформираниот комитет е во тоа што заштитата на новинарите не се сведува на осуда на нападите откако ќе се случат, туку се воспоставува механизам за координација меѓу надлежните институции и медиумската заедница. Целта е навремено препознавање на ризиците, превенција од закани и напади, поефикасно постапување и создавање услови за непречено извршување на новинарската професија.
Во Комитетот ќе учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија. Со ваквата поставеност се создава основа за координиран пристап, во кој различните институции ќе имаат можност да ги усогласуваат активностите во рамките на своите надлежности.
Една од клучните задачи на Комитетот ќе биде подготовката на Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите, најдоцна до 15 декември 2026 година, во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки. Планот ќе ги опфати превенцијата, заштитата, ефикасното гонење на сторителите и промоцијата и едукацијата.
Предвидените активности вклучуваат механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка, заштита од закани во дигиталниот простор, како и унапредување на соработката меѓу институциите и медиумите. Посебен акцент ќе биде ставен на навремените истраги и соодветното санкционирање на сторителите согласно законските надлежности. Истовремено, преку едукација и подигање на јавната свест треба да се зајакне разбирањето за улогата на новинарството во демократското општество.
Заштитата на новинарите е заштита на правото на јавноста да биде информирана
Со формирањето на Националниот комитет Владата дава пошироко значење од самата безбедност на медиумските работници. Кога новинарите се изложени на закани, притисоци или насилство, последиците не се ограничуваат само на нивната професионална работа, туку се засега и правото на граѓаните да добиваат информации и да бидат запознаени со прашањата од јавен интерес.
Затоа, институционалната заштита мора да важи подеднакво за сите новинари, без разлика на медиумот во кој работат, нивните уредувачки политики или темите што ги истражуваат. Одговорноста на власта е да одговори на критиките со аргументи, факти и транспарентност, а не да дозволи професионалното поставување прашања да биде проследено со притисоци или закани.
Во оваа насока, Владата најавува и поддршка за националната примена на кампањата „Новинарите се важни“, иницијатива на Советот на Европа, со што мерките за заштита се поврзуваат со пошироките европски напори за унапредување на слободата на медиумите.
Формирањето на Комитетот е институционален чекор кон посистемска заштита на новинарите. Неговиот вистински ефект ќе зависи од доследното спроведување на предвидените мерки, навременото постапување на надлежните органи и подготвеноста институциите да ја претворат определбата за слободни медиуми во практика. Зашто, слободното новинарство не е привилегија на професијата, туку еден од предусловите за отчетни институции и информирани граѓани.

