Утрински Весник
Македонија

Граѓани помогнале, инспекторка Ристевска постапувала, АХВ ги фали директорот и градоначалникот!?

Img 6798.jpeg

Коњот што се струполил на кружен тек во Кавадарци е одземен од лицата што го чувале, по пријава во полиција и постапување на инспекторката од Агенцијата за храна и ветеринарство, Тања Ололовска Ристевска, соопштија од „LINA – Safe Life, get a Life, help to animals“.

Според нивната објава, случајот бил пријавен веднаш откако добиле информација за паднатото животно. Полицијата излегла на терен, а коњот бил одземен неколку дена подоцна, во постапка спроведена во соработка со инспекторката на АХВ.


Првата помош на животното му ја укажала жена која го ослободила од каишите и металните делови со кои било врзано и му дала храна и вода. Од „ЛИНА“ ја истакнуваат нејзината емпатија и подготвеноста веднаш да помогне, а лицата што го чувале коњот ги обвинуваат за негрижа.

Но, покрај информациите за пријавата и интервенцијата, случајот отвора и прашање како АХВ ја претставува својата работа пред јавноста. Како што објавивме, во објавата на службената страница на Агенцијата се истакнуваат пофалби за Митко Јанчев и посебна благодарност до директорот Оливер Миланов, додека недостигаат основни податоци за состојбата на коњот и преземените мерки.

Screenshot

Таквиот пристап заслужува критика. Институционалното постапување за заштита на животните е обврска, а јавноста треба да добие јасен извештај за резултатите. Пофалбите за функционерите не одговараат на прашањата дали коњот е ветеринарно прегледан, каде е згрижен, каква терапија или нега добива и дали е поведена постапка за утврдување одговорност.

Особено се наметнува прашањето зошто службената страница на Агенцијата се користи за јавно заблагодарување на нејзиниот сопствен директор. Поддршката за надлежните инспектори и обезбедувањето услови за постапување се дел од раководењето со институцијата, а не лична услуга што треба да се претставува како посебна заслуга.

Објавата на „ЛИНА“ посочува конкретни учесници во интервенцијата: граѓанката што му помогнала на животното, пријавувачите, полициските службеници и инспекторката Тања Ололовска Ристевска. АХВ треба подеднакво конкретно да објасни што презела и каква заштита му е обезбедена на коњот.

Од „ЛИНА“ апелираат граѓаните веднаш да пријавуваат насилство, злоупотреба и занемарување на животни. Од институциите, пак, се очекува пријавите да добијат навремен одговор, а јавноста — факти и отчетност, наместо објави во кои функционерите го преземаат главното место.

Можете да прочитате

Вечерва трето апсење во врска со убиствата во Ѓорче Петров

Пекевски: Очекувам Вучиќ да се врати на власт за една година

Пекевски: Кој ја финансираше кампањата на Студентската листа во Србија?