Утрински Весник
Македонија

Клековски на Регионалниот комитет на СЗО во Копенхаген: Превенцијата и дигиталното здравство се меѓу македонските приоритети

Foto1.jpeg

Министерот за здравство, Сашо Клековски учествува на 76. седница на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа во Копенхаген. На седницата, министрите за здравство од земјите од eвропскиот регион разгледуваа повеќе извештаи и предлози за идната работа на СЗО. Свои програми претставија и шестемина кандидати за нов генерален директор на организацијата.

Во своето обраќање, министерот Клековски истакна дека предизвиците со кои се соочува нашата земја се заеднички за целиот регион. Тоа се демографските промени, стареењето на населението, растечкиот товар на незаразните болести и одливот на здравствени кадри.


„Вложувањето во здравството е инвестиција во економскиот и социјалниот развој. Затоа, дигиталната трансформација е еден од нашите најважни национални приоритети. Сакаме поповрзан, поефикасен и потранспарентен здравствен систем”, изјави министерот Клековски.

Тој нагласи дека подеднакво важно е зајакнувањето на примарната здравствена заштита, со акцент на превенција и рано откривање на незаразните болести, вклучително и канцерогените заболувања. Во делот на превенцијата, Министерството ја засилува забраната за пушење и подготвува мерки за засладените пијалаци. Министерот ги посочи и другите приоритети: подобар пристап до лекови, финансиска заштита на пациентите, модернизација на законската регулатива и одржливо финансирање на здравството.

Министерот Клековски се заблагодари на Светската здравствена организација, особено на Канцеларијата на СЗО во Скопје, за континуираната техничка поддршка и партнерството во реформите на здравствениот систем.

Можете да прочитате

Македонската економија ќе забави во 2027 година, прогнозира Светска банка

Митева: Владата формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите

Со македонски пасош олеснето може да се патува во 114 држави во светот