
Глобалната трка за бакар се интензивира, а светската економија се соочува со ризик од недостиг на металот што е неопходен за енергетската транзиција, дигитализацијата, инфраструктурата и одбраната. Анализа на „Фајненшел тајмс“ (Financial Times) предупредува дека светот може да се соочи со сериозен ресурсен дефицит уште од 2028 година.
Причината е комбинацијата од растечка побарувачка и недоволна понуда. Бакарот е еден од клучните материјали за електричните мрежи, соларните панели и електричните автомобили, а неговото значење расте и со изградбата на центри за податоци за вештачка интелигенција, развојот на воената технологија и инфраструктурните инвестиции.
„Фајненшел тајмс“ ги поврзува овие процеси со пошироките промени во светската економија и предупредува дека понудата на бакар нема да може лесно да ги следи потребите на индустријата.
Проценките на „БлумбергНЕФ“ покажуваат колкави би можеле да бидат последиците. Според нивното истражување, глобалниот недостиг би можел да започне во 2028 година, при што понудата се очекува да биде 8 отсто под побарувачката во 2035 година и дури 44 отсто под неа во 2050 година. На слични ризици укажува и Меѓународната агенција за енергетика.
„Изградбата на еден дата центар може да трае шест месеци, но за откривање на ново наоѓалиште на бакар, добивање дозволи и изградба на нов рудник може да бидат потребни 15 години. Всушност, многу компании што експлоатираат бакар се мачат дури и да го одржат производството на постојните локации – голем дел од нив работат со децении и се соочуваат со опаѓање на квалитетот на рудата. Во однос на обемот на побарувачката, бројот на нови „гринфилд“ рудници што се пуштаат во производство е исклучително мал, бидејќи во текот на изминатите неколку децении значително се намалени активностите за нивно откривање и развој“, оценува Џонатан Прајс, извршен директор на големиот производител на бакар „Тек“.
Дали Македонија ќе ги искористи своите потенцијали на бакар во период кога светот ќе се бори за повеќе количини од металот? Во моментов функционира единствено рудникот за бакар „Бучим-Боров дол“, кој веќе ги исцрпува капацитетите. Од друга страна, во минатото голем број на инвестиции во проекти за ископ на бакар пропаднаа и сега актуелна е само гринфилд инвестицијата во проектот „Иловица-Штука“. Во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, беше посочено Македонија да ги искористи капацитетите на критични суровини и да се вклучи во светската трка, запазувајќи ги европските стандарди во рударството.
Усогласувањето со европските стандарди се очекува и преку усвојувањето на најавените предлог закони за рударство и за геологија. Текстовите на двата закона неодамна беа расправани и во Стопанската комора на Македонија, од каде соопштија дека предложените решенија се насочени кон обезбедување поголема правна сигурност, поттикнување на инвестициите, поефикасни административни постапки и зајакнување на заштитата на животната средина.
„Рударството и геологијата не се само економски дејности. Тие претставуваат важен дел од индустриската основа на државата, обезбедуваат суровини за бројни други сектори, отвораат работни места, придонесуваат за локалниот и регионалниот развој и имаат значајна улога во економската и стратешката сигурност на земјата. За овој сектор да се развива одржливо и конкурентно, неопходна е стабилна, јасна и предвидлива законска рамка. Потребни се правила што ќе овозможат одговорно управување со минералните суровини, квалитетни геолошки истражувања, безбедно работење и заштита на животната средина, а истовремено ќе создадат услови за нови инвестиции и модернизација на постојните рудници“, соопштија од Комората.
Додека трае светската трка за минерали, а кај нас се расправа за предложените текстови на законите кои се очекува да отворат пат за нови инвестиции и геолошки истражувања, од локалната иницијатива „И здравје и работа“, која дава поддршка за проектот во Иловица, соопштија дека Македонија не смее да ја пропушти шансата за економски развој преку одговорно искористување на минералните ресурси.
„Македонија не смее да остане само набљудувач на овие процеси. Земјата располага со минерални ресурси и проекти што отвораат прашања за нивната економска оправданост, иднина и можен придонес кон развојот. Иловица е еден од најзначајните примери во оваа дебата, но и пример како значајни рударски инвестиции можат со години да останат без конечна разврска. Развојот на рударството не смее да биде тема што се сведува на дневнополитички преписки, меѓусебни обвинувања и политички пораки. Тоа е сложено економско, техничко и општествено прашање што бара стручна, аргументирана и инклузивна дебата“, се наведува во соопштението.
Од иницијативата додаваат дека Македонија не смее да ја пропушти можноста минералните ресурси да ги разгледува како дел од својата долгорочна развојна политика, а одговорното рударство, кога е економски оправдано и усогласено со високите стандарди за заштита на животната средина, може да создаде можности за инвестиции, работни места, развој на локалните бизниси и подобрување на животниот стандард.



