Утрински Весник
Економија

Тренчевска: Вториот ребаланс е комплетен фискален пораз на неодговорната политика на власта – последиците ги трпат граѓаните

Image 2026 10 27 151725739.png

Вториот ребаланс на буџетот за 2026 година е документ кој не претставува обично козметичко или техничко прилагодување, туку официјално признание за неспособност, паника во државната каса и нереално економско планирање од страна на оваа влада, нагласи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет. Тренчевска посочи дека да се прави  втор ребаланс во само неколку месеци е аларм кој покажува дека државниот брод плови без компас и е класично признание за системска нестабилност во фискалното планирање. 

„Ова е чист фискален пораз на хартија. Владата декларативно тврди дека ребалансот се прави поради продолжените глобални нарушувања на пазарите на енергенси и потребата за максимална оптимизација на приходната страна и надолно ревидирање на буџетските расходи.Вкупните приходи паѓаат за 5,3 милијарди денари во однос на првиот ребаланс намалувајќи се од 379,5 милијарди на 374,1 милијарда денари. И ова се должи на падот на даночните приходи од 213,2 милијарди на 209,7 милијарди денари. За да не се надмине веќе високото ниво на дефицит од 46,2 милијарди денари се кратат 5,3 милијарди денари од расходите намалувајќи ги од 425,7 милијарди на 420,4 милијарди денари.”, посочи Тренчевска.


Таа нагласи дека падот на приходите не може да се оправда единствено со глобалните економски предизвици, посочувајќи дека сериозен проблем е и нереалното планирање на буџетските приходи. Само кај акцизите, има потфрлање од 3,7 милијарди денари, односно 11 %и под првично планираното. Дополнителен пад од 1,9 милијарди денари е забележан кај неданочните приходи и донациите.

Тренчевска посочи дека последиците од ваквото буџетско планирање најдиректно се гледаат во кратењето на капиталните инвестиции, здравството, образованието и животната средина.

„Со иницијалниот буџет вие свесно ги намаливте средствата за социјални надоместоци и пензискиот систем за лажно да прикажете помал дефицит на хартија. Реалноста ве удри во глава уште во јули, па моравте да додадете 1,5 милијарди денари за социјална заштита, само да не колабира исплатата на законски загарантираните надоместоци од детска и социјална заштита. Не колабира, но имаше и уште има сериозни доцнења во исплатите. И денес за да ги покриете овие дупки од основниот буџет, за да исплатите плати на администрацијата и да купите привремен социјален мир пред зимата, кратите дури 94 милиони евра од капиталните инвестиции и од развоен буџетот го направивте социјален”, рече Тренчевска.

Таа укажа дека со вториот ребаланс се крати во здравството, образованието, гасификација и заштита на животната средина.

„Во здравството целосно ги сопревте и ги намаливте средствата за клучните регионални болници во Штип и Кичево. Ги преполовивте парите за набавка на модерна медицинска опрема и дијагностички апарати.Како што алармираше и јавноста, со ребалансот намалувате средства наменети за набавка на инсулин и за програмата за ретки болести.Немате пари за зголемување на студентскиот оброк, а студентите тоа од вас го бараат. Бараат цената којашто е нереална и ниска да се зголеми од 140 на 200 денари. Скративте на средствата за квалитет на воздух, управување со отпад, заштита на природата. во ставките управување и заштита на води”, рече Тренчевска.

Во однос на јавниот долг и буџетскиот дефицит, Тренчевска посочи дека официјалната проекција од 4,1 процент од БДП не ја покажува целосната слика за задолжувањето.

„Владата соопштува дека буџетскиот дефицит останува стабилен и непроменет на 4,1% од БДП. Како останува стабилен? Преку манипулација и козметичко криење на јавниот долг надвор од очите на јавноста. Ги тргнавте парите за автопатиштата на Бехтел и Енка од директниот државен буџет и го принудивте јавното претпријатие за државни патишта да земе кредит и го задолжите во текот на оваа година од 330 милиони евра и тоа е класичен сметководствен трик за да не ви експлодира официјалниот буџетски дефицит на загрижувачки над 5% од БДП”, рече Тренчевска.

Притоа, Тренчевска предупреди дека задолжувањето преку јавното претпријатие не го отстранува долгот, туку го префрла товарот за неговото враќање во иднина.

„Го префрлате долгот од десниот во левиот џеб. Иако добро знаете дека јавното претпријатие нема сопствен капацитет да го враќа тој кредит и дека во иднина тој долг повторно ќе мора да се крпи со дотации директно од грбот на граѓаните. Колеги, ова не е ниту развоен ниту одговорен буџет. Ова е класичен буџет за голо преживување и стагнација. Носењето на овој втор ребаланс само два месеци по усвојувањето на јулскиот ребаланс укажува на итна потреба да се прераспределат средствата пред крајот на фискалната година. Ваквата брзина и паника во прекројувањето на државната каса најчесто се јавува кога политичките калкулации ќе ги надминат редовните економски планирања”, рече Тренчевска.

Можете да прочитате

Левица: Под власта на ДПМНЕ, фондовите трупаат станови, а граѓаните се задолжуваат до пензија за еден

Бакарот станува стратешки ресурс за светската економија – Иловица е дел од минералниот потенцијал на Македонија

Потпишана Националната програма за достоинствена работа 2026 – 2030