Утрински Весник
Економија

Вештачка интелигенција и истражувања од воздух: Шпанија бара нови минерални богатства под земјата

Rudnik ilovica.jpg

Шпанија започнува амбициозна програма за истражување на минералните суровини, која ќе опфати 100.000 квадратни километри и ќе користи современи технологии за откривање области со висок геолошки потенцијал.

Преку специјализирани летови ќе се собираат магнетни, радиометриски и гравиметриски податоци од три геолошки зони во западна и јужна Шпанија. Потоа, со примена на вештачка интелигенција, податоците ќе се користат за изработка на предвидувачки геолошки модели и подобро идентификување на потенцијалните минерални наоѓалишта.
Како што информира Геолошкиот и рударски институт на Шпанија, програмата е дел од петгодишен план со проценета инвестиција од 197 милиони евра. Завршувањето на тековните активности е предвидено за 30 јуни.


„Крајната цел е да се зголемат истражувањата од страна на рударските компании и, каде што е соодветно, експлоатацијата на ресурсите. Главната цел на Институтот е да се подобрат сознанијата за минералните ресурси“, изјави Сусана Тимон од Институтот.

Примерот на Шпанија покажува колкаво значење имаат систематските геолошки истражувања и примената на новите технологии во откривањето на минералниот потенцијал. Во Македонија, каде што бројот на потврдени наоѓалишта е ограничен, Иловица е меѓу најзначајните локалитети што се издвојуваат во контекст на рударскиот потенцијал на земјата.

Во меѓувреме, шпанскиот регион Андалузија сака да привлече инвеститори во рударскиот сектор преку побрзи постапки за издавање дозволи и овозможување пристап до стотици локации за кои концесиите за експлоатација на минерални суровини се веќе истечени. Ова се случува во време кога Европа се стреми да обезбеди капацитети за ископ на најмалку 10% од нејзината годишна потрошувачка на стратешки суровини до 2030 година. 

Македонија засега не е активно вклучена во исполнувањето на целите од Директивата за критичните минерални суровини на Европската Унија. Годинава на Геолошкиот Завод на Македонија му се даде задача, во период од две години, да направи анализа на потенцијалите за екстракција и рециклирање на критични метали и критични минерали во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на рударската индустрија.  Направената анализа би требало да се поврзе со вкупните потреби на Европската Унија за критични метали и минерали, а резултатите би можеле да бидат добра основа за стимулирање на поефикасната употреба и поефикасното искористување на македонските метали и минерални ресурси.

Во моментов траат детални геолошки истражувања за антимон кај Крива Паланка. Единствено потврдено наоѓалиште за кое во моментов има активна инвестиција е за бакарот во Иловица. Според геолошките истражувања наоѓалиштето „Иловица-Штука“ има над 700 илјади руден концентрат, со потенцијал за извоз од над 10 илјади тони бакар на годишно ниво во период од две децении. Претходно и во анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште на бакар „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект. Присуството на бакар на оваа локација е започнато да се истражува со дозволата за детални геолошки истражувања издадена во 2004 година, а тестирањата потврдиле искористување на 84 отсто за бакарот. 

Инаку, шпанскиот јужен регион Андалузија учествува со околу 90 % во вредноста на ископот на метали во Шпанија и се наоѓа на второто место во Европската Унија според производството на бакар, веднаш зад Полска. Меѓу компаниите е и „Аталаја мајнинг“, која го скрши мразот со обезбедувањето дозволи на брза лента.

„Минатата година, за само 27 месеци, успеавме целосно да ја спроведеме постапката за издавање дозволи за нов рудник. Знаеме дека 27 месеци во рударскиот сектор се рамни на сон“, изјави Хесус Портиљо Гарсија-Пинтос, генерален директор за одржливо рударство и наука за суровини во Андалузија.

Побрзото издавање дозволи и јавното финансирање имаат за цел да го претворат минералното богатство во поширока индустриска база, во услови кога Европа се стреми да ја намали зависноста од увезени суровини. Инаку, дел од напорите на шпанскиот Институт вклучуваат и подобро искористување на информациите со кои Шпанија веќе располага. 

„Историските геохемиски резултати можат да понудат вредни појдовни точки, но постарите истражувања често опфаќале потесен опсег на метали од оној што истражувачите сакаат да го проучуваат денес. Новите анализи би помогнале да се пополнат тие празнини. Суровините се неопходни за нашата економија да биде силна“, изјави претставничката на Институтот, Тимон. 

Таа истакна дека целта е аналитичките податоци да се направат употребливи заедно со информациите неопходни за проценка на нивниот квалитет – наместо едноставно да се објавуваат стари извештаи. Пошироката цел е да се создадат геолошки сознанија што компаниите ќе можат да ги користат и по завршувањето на петгодишниот период на програмата. Според Институтот, оваа работа треба да стане дел од долгорочната државна политика.

Можете да прочитате

УЈП започна контроли на приливите од странство остварени во текот на 2021 година

СДСМ: Следуваат нови поскапувања, а Мицкоски ги одбива сите мерки за поголеми плати и помош на граѓаните

ВЛЕН: Растот на минималната плата од 67% ја покажува разликата меѓу двете владеења