
Унапредувањето на здравството е очигледно преку низата вложувања во здравството. Вчера преку обновување на возниот парк на Итната медицинска помош, модернизација на медицинската опрема, реконструкција на постојните клиники и подготовка на нови болнички капацитети, кои се дел од инвестициите со кои Владата најавува посистематски пристап кон.
Еден од најзначајните чекори е набавката на 100 нови амбулантни возила, со кои капацитетите на Итната медицинска помош треба да се зголемат од околу 140 на приближно 200 активни возила. Новите амбулантни возила располагаат со ЕКГ-апарати, дефибрилатори и опрема за респираторна поддршка, а 60 ќе послужат за проширување на капацитетите, додека 40 ќе ги заменат дотраените возила. Во тек се и преговори за набавка на дополнителни 50 возила во 2027 година.
Паралелно со инвестициите во опремата, се подготвуваат и реформи во организацијата на Итната медицинска помош, вклучително и национални стандарди за тријажа, подобра координација на медицинските тимови и постепено воведување парамедици. Целта е побрзо реагирање во итни ситуации и поефикасна грижа за пациентите низ целата држава.

Значаен сегмент од инвестицискиот циклус е и здравствената инфраструктура. Во соработка со Светската банка и Европската инвестициска банка се привршуваат преговорите за финансирање на клиничките болници во Штип и Тетово, како и за проширување на дејноста на Здравствениот дом во Кичево. Формалното одобрување на финансирањето се очекува во првиот квартал од 2027 година, по што би следувале тендерските постапки. За проектот во Штип е најавено и планирање на технологија што ќе одговори на потребите на здравството во периодот од 2035 до 2040 година.
Во Скопје, пак, до крајот на 2026 година се очекува да завршат преговорите за локацијата на новиот Клинички центар. Планот е тој да биде поврзан со болницата „8 Септември“, ПЕТ-центарот и поликлиниката „Букурешт“, со истовремено планирање дополнителни паркинг-места. Во меѓувреме, продолжува и обновувањето на постојните здравствени установи. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се реконструирани шест операциони сали, а во ГАК се вложени 110 милиони денари за реконструкција и опрема. Дополнително, за реконструкцијата на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација се предвидени 92,7 милиони денари без ДДВ, односно околу 1,5 милиони евра, преку поддршка од меѓународни финансиски партнери.
Инвестициите опфаќаат и помали, но важни здравствени установи. Здравствениот дом во Вевчани е вклучен во проектот за новите амбулантни возила, додека Специјализираната болница за нефрологија во Струга доби современ анестезиолошки апарат, со што се унапредуваат условите за изведување оперативни интервенции.
Инвестициите во здравството се дел од пошироката заложба на Владата за надминување на долгогодишните слабости и создавање посовремен, поефикасен и подостапен здравствен систем. Од обновувањето на Итната медицинска помош до изградбата на нови болнички капацитети, фокусот е на конкретни решенија што треба да донесат подобри услови за работа на здравствените работници и поквалитетна грижа за пациентите. Предизвиците остануваат, но со паралелни инвестиции во инфраструктурата, опремата и организацијата, Владата поставува основа за долгорочни промени во здравството, во кое потребите на граѓаните треба да бидат на прво место.


