
Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на годинава да завршат преговорите за локацијата на новиот Клинички центар во Скопје. Во опција се две парцели во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, кои, според најавите, би овозможиле поврзување со постојните здравствени установи во тој дел од градот.
На промоцијата на 100 нови амбулантни возила, одржана на паркингот кај спортскиот центар, Мицкоски посочи дека настанот се одржува токму меѓу двете парцели за кои се преговара.
„Едната парцела е пред базенот, кој беше оставен пред забот на времето, па сега се реконструира, а другата е зад тобоганот. Тоа се двете парцели каде што би требало да биде новиот Клинички центар. Очекувам до крајот на оваа година и тие преговори да ги завршиме“, рече Мицкоски.
Според премиерот, новиот Клинички центар би се поврзал со болницата „8 Септември“, ПЕТ-центарот и поликлиниката „Букурешт“, со што би се создал интегриран здравствен комплекс.
Паралелно, со Општина Карпош се работи на обезбедување дополнителни паркинг-места. Целта, како што посочи Мицкоски, е навреме да се намалат сообраќајните оптоварувања што би ги предизвикало функционирањето на новиот комплекс и да се олесни движењето на жителите во овој дел од Скопје.



