Утрински Весник
Економија

Треновски: Додека светот размислува за четиридневна работна недела, Македонија дебатира за кратење на празниците

Img 5921.jpeg

Универзитетскиот професор Борче Треновски смета дека намалувањето на неработните денови не треба да биде главниот приоритет на економските политики. Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ тој истакна дека многу поважно е да се создадат услови во кои компаниите ќе можат да произведуваат повеќе, да инвестираат и да се развиваат.

„Продуктивноста е колку ќе создадете во еден час, колкав е резултатот од работата во еден час. Не е прашањето колку денови или часови ќе работите“, истакна Треновски.


Според него, самото зголемување на бројот на работни денови не е гаранција дека компаниите ќе бидат попродуктивни, ниту дека економијата ќе остварува подобри резултати.

Професорот посочи дека современите економии сè повеќе се насочуваат кон употреба на нови технологии, автоматизација и инвестиции кои овозможуваат поголемо производство за пократко време.

„Глобалните дискусии се дали треба четиридневна работна недела, дали треба да се воведе шестчасовен работен ден. Со новите технологии и капитални вложувања се размислува како да се зголеми продуктивноста, а да се намали времето поминато на работа“, објасни професорот.

Треновски нагласи дека македонските компании се соочуваат со многу посериозни пречки во секојдневното работење отколку што е бројот на празнични денови.

Меѓу најголемите проблеми ги издвои неефикасната администрација, правната неизвесност, недостигот од квалификувана работна сила, недостатоците во образовниот систем, ограничениот пристап до финансии и потешкотиите при настап на странските пазари.

Според него, токму решавањето на овие проблеми може да донесе многу поголеми економски придобивки отколку евентуалното намалување на бројот на неработни денови.

„Според мене, многу поважно е да влијаеме на бизнис-околината и на она што им е потребно на бизнисите за да го зголемат производството и продуктивноста“, посочи Треновски.

Тој смета дека економската политика треба да се насочи кон создавање поконкурентни компании, подобри услови за инвестирање и развој на човечкиот капитал.

На тој начин, според професорот, би се создале предуслови за повисоки плати и подобар животен стандард, без нужно да се зголемува времето што вработените го поминуваат на работното место.

Треновски нагласи дека долгорочната цел треба да биде економија во која работниците ќе создаваат поголема вредност за пократко време, а истовремено ќе имаат подобра рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот.

Неговата оценка е дека суштинската дебата во Македонија не треба да се сведе на тоа колку денови граѓаните ќе работат, туку како секој работен час да биде поефикасен и подобро платен.

Можете да прочитате

Треновски: Најголемиот трошок за една фирма е конкурентот што не плаќа данок – до една третина од економијата е во сивата зона

Николоски: За прв пат се градат шест автопати истовремено

Треновски: Сиромашните во Македонија трошат до 80 отсто од парите за храна, богатите само 17 отсто