Утрински Весник
Македонија

ФБИ и честиташе на македонската полиција: Разбиен криминален онлајн пазар што ја загрозувал безбедноста на илјадници Американци

848273210 2234209677151560 7741176422891862124 n.jpg

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) јавно упати честитки до македонското Министерство за внатрешни работи, односно до Одделението за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност, за успешното апсење на администраторот на нелегалната онлајн платформа „OLVX“.

Во објава на социјалните мрежи, ФБИ ја поздрави успешната акција на македонските истражители, нагласувајќи дека станува збор за значаен резултат во меѓународната борба против компјутерскиот криминал.


Според информациите објавени од ФБИ, криминалниот онлајн пазар „OLVX“ бил активен во периодот од 2023 до 2025 година. Платформата, како што се сомневаат истражителите, се користела за незаконска продажба на лични податоци на жртви, како и кориснички имиња и лозинки за пристап до различни интернет-сметки.

На платформата имало повеќе од 1.500 продавачки профили преку кои се нуделе вакви чувствителни информации.

Американските власти предупредуваат дека постоењето на овој нелегален пазар директно ја загрозувало дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани, чии лични информации и пристапни податоци можеле да бидат злоупотребени.

Особено значајно е што, според ФБИ, ова претставува прва заеднички координирана операција против компјутерски криминал меѓу американското Федерално истражно биро и Северна Македонија.

„Оваа успешна акција ја одразува посветеноста на ФБИ за соработка со партнерите ширум светот со цел заштита на американските граѓани во дигиталниот простор“, се наведува во објавата на американското Федерално истражно биро.

Со оваа операција, македонските полициски служби добија јавно признание од една од најпознатите истражни институции во светот, а случајот претставува значаен пример за меѓународна полициска соработка во откривањето и сузбивањето на организираниот компјутерски криминал.

Можете да прочитате

Буџетот и границата дупнати како швајцарско сирење, каде е Мицкоски, каде се одговорите? прашува СДСМ

ЛДП: Мегаскандалот Михаилова е доказ за ерозија на институциите и го дозакопува нашето европско досие

Не дарувал ни капка крв, а добил шест дена платено отсуство – полицаец заработи кривична пријава