
Лидерите на Европската Унија денеска го почнуваат дводневниот самит во Брисел, на кој растот на цените на енергијата ќе биде меѓу главните теми. Од нив се очекува да ѝ дадат насоки на Европската комисија за привремени и насочени мерки што ќе го намалат притисокот врз домаќинствата и компаниите.
Самитот се одржува на почетокот на грејната сезона, во услови на високи цени на нафтата и гасот. Според „Еуроњуз“, нафтата останува над 100 долари за барел, додека гасот се тргува на највисоко ниво од зимата 2022 година. Залихите во подземните складишта се под просекот.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис бараат поголема флексибилност во европските фискални правила, за владите полесно да финансираат помош за граѓаните и стопанството.
Други членки стравуваат дека таквиот пристап може да ја поттикне потрошувачката на фосилни горива и да ги ослаби инвестициите во чиста енергија.
Еден од предлозите е заеднички европски данок на вонредните добивки на енергетските компании. Иницијативата ја поддржуваат Австрија, Германија, Италија, Полска, Португалија и Шпанија, но засега нема доволна согласност меѓу членките.
Мерките сè уште се предмет на разговори. Европскиот совет најави дека, паралелно со краткорочната помош, лидерите ќе ја разгледаат и долгорочната стратегија за намалување на зависноста од фосилни горива.

На дневен ред се и буџетот на ЕУ за периодот 2028–2034 година, поддршката за Украина, миграцијата и проширувањето. За проширувањето ќе се разговара и во контекст на подготовките на Унијата за прием на нови членки, со посебен осврт на целта Црна Гора да ги заврши преговорите до крајот на годинава.


