Утрински Весник
Македонија

Тошковски: Ива Михајлова нелегално избегала во Бугарија, се подготвува меѓународна потерница!

808240219 122316811772197509 4514919973213037570 n.jpg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека Ива Михајлова, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, незаконски ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија, иако за неа била во сила судска забрана за напуштање на државата.

Во интервју за телевизија Сител, Тошковски најави дека во текот на денот се очекува да биде распишана меѓународна потерница, доколку судот го прифати барањето на Јавното обвинителство за определување мерка притвор.


„Согласно информациите кои ги имам, меѓународна потерница ќе биде распишана денес. Јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука, веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка“, изјави Тошковски.

Министерот упати и директна порака до бугарските власти, изразувајќи очекување дека Софија ќе постапи во согласност со меѓународните правила и европските стандарди.

„Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, сè она што значи нормална европска држава, каква што Бугарија тврди дека е и суштински е дел од семејството на ЕУ“, нагласи министерот.

Според Тошковски, почитувањето на европските вредности и меѓународните обврски треба да се покаже преку конкретни постапки, а не само преку декларативни изјави.

Михајлова, која покрај македонското поседува и бугарско државјанство, е обвинета во постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици.

И покрај активната судска забрана за напуштање на Македонија, таа ја напуштила државата, а според информациите што претходно ги објавија медиумите, веќе се наоѓа во Софија.

Од Министерството за внатрешни работи претходно информираа дека преку контакт-центарот со Бугарија било утврдено дека за Михајлова нема евидентиран легален влез на бугарска територија.

Ова отвора дополнителни прашања за начинот на кој таа ја преминала државната граница и како успеала да ја напушти земјата и покрај судската забрана.

Следниот чекор зависи од одлуката на надлежниот суд по барањето на Обвинителството за определување притвор. Доколку судот го прифати барањето, МВР ќе ја процесуира меѓународната потерница преку воспоставените канали за полициска соработка.

Останува да се види како ќе постапат бугарските институции и дали ќе бидат преземени мерки за нејзино пронаоѓање и евентуално предавање на македонските власти.

Можете да прочитате

МВР распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова

ДЕСЕТ ДЕНА НЕМА ТРАГА ОД ЈАНИЦА: Семејството моли за помош, 38-годишната жена исчезнала 

Груби не го доби пасошот назад, има и забрана да го напушта Скопје