Утрински Весник
Македонија

Почнува вакцинацијата против сезонски грип: Првите 30.000 дози веќе се во Македонија

Screenshot 2026 10 13 142700.jpg

Во Македонија пристигнаа првите 30.000 дози вакцини против сезонски грип, а почетокот на вакцинацијата е планиран во периодот од 16 до 25 октомври, најави министерот за здравство Сашо Клековски.

Според министерот, во моментов се организира логистичката распределба на вакцините во соработка со центрите за јавно здравје, со цел навремено да започне имунизацијата, особено кај граѓаните кои припаѓаат на ризичните категории.


Клековски информира дека втората испорака од дополнителни 26.000 дози се очекува до 15 ноември, со што вкупната количина ќе достигне 56.000 вакцини. Министерството за здравство работи на обезбедување дополнителни количини, со цел оваа сезона да бидат достапни до 80.000 дози.

„Имаме 56.000 дози и работиме да постигнеме до 80.000 дози. Значи, ни беше важно да стигнат 30.000 вакцини и да почнеме веднаш со најризичните групи. На 15 ноември ќе ги имаме следните 26.000, а во меѓувреме ќе се потрудиме да ги обезбедиме и останатите до 80.000 дози“, изјави Клековски.

Министерот нагласи дека Македонија годинава ќе започне со вакцинацијата порано од некои земји во регионот, каде што имунизацијата против сезонскиот грип е планирана за ноември.

„Кај нас вакцинацијата ќе почне порано отколку кај некои од соседите, кои се многу поразвиени. Мислам дека целата акција за вакцинација против сезонскиот грип ќе се одвива навремено и соодветно“, рече министерот.

Во првата фаза, со пристигнатите 30.000 вакцини, предност ќе имаат граѓаните кои припаѓаат на ризичните групи, согласно здравствената состојба и медицинските дијагнози.

Од Министерството посочуваат дека пријавувањето за вакцинација мора да се врши преку соодветниот модул во системот „Мој термин“, за здравствените власти да имаат точен увид во бројот на заинтересирани граѓани и да можат правилно да ја организираат распределбата на вакцините.

„Пријавувањето мора да биде во модулот во ‘Мој термин’ за да имаме увид за севкупната состојба“, појасни Клековски.

Министерот најави и дека лично ќе биде меѓу првите што ќе ја примат вакцината против сезонски грип, со цел да ги охрабри граѓаните да се пријават и навремено да се заштитат.

Вакцинацијата против сезонски грип е особено значајна за повозрасните лица, лицата со хронични заболувања и другите ризични категории, кај кои инфекцијата може да предизвика потешки здравствени компликации.

Со почетокот на имунизацијата во втората половина на октомври, здравствените власти очекуваат навремено да ја започнат заштитата на населението пред периодот на зголемена циркулација на вирусот на грип.

Можете да прочитате

СТУДЕН БРАН ЈА ЗАФАТИ МАКЕДОНИЈА: Температурите нагло паѓаат, снег на планините и силен ветер до 60 км/ч!

Отворена подрачна канцеларија на Центарот за социјална работа Крива Паланка во Општина Ранковце

Левица: Груби излегува од куќен притвор – дилот меѓу ДПМНЕ и ДУИ за „Бехтел и Енка” си тече!