Утрински Весник
Македонија

Солидарниот фонд – од пензионерска самопомош до систем со многу отворени прашања

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Потребата од помош на семејството по смртта на пензионерот не е нова. Таа постои со децении, а начинот на кој се обезбедувала посмртната помош низ времето повеќепати се менувал. Од доброволни фондови и различни форми на пензионерска самопомош во педесеттите години, преку обидите за создавање единствен посмртен фонд, промените по осамостојувањето и укинувањето на државното покривање на дел од трошоците, до воспоставувањето на денешниот модел во кој преку ПИОМ, со согласност на пензионерот, се издвојуваат средства за посмртна помош и членарина. Значи, повеќе од седум децении се бара начин оваа потреба да се реши на постабилен и подолгорочен начин.


Денес имаме воспоставен систем. Пензионерот со своја согласност издвојува средства од пензијата, средствата за Солидарниот фонд се уплаќаат на посебна подсметка во Трезорот, а Законот за пензиското и инвалидското осигурување ја определува улогата на ПИОМ и на регистрираната организација на пензионерските здруженија.

На прв поглед, системот изгледа едноставно. Но кога ќе се постават неколку основни прашања, се отвора простор за недоречености кои, според мене, заслужуваат јасни и достапни одговори.

Кој всушност управува со средствата? Законот зборува за „регистрирана организација на пензионерските здруженија“ која определува како се вршат издвојувањата, а во Статутот на СЗПМ е наведено дека регистрирана организација за Солидарниот фонд и членарината е СЗПМ, преку посебен Одбор.  Но, што точно е тој Одбор во правна смисла? Дали има својство на правно лице или дејствува во рамките на СЗПМ? Кој формално располага со средствата и врз основа на кој акт?

Ова не се прашања поставени за да се доведе во сомнеж самиот фонд. Напротив. Ако постои јасно утврден правен статус, доволно е тој да им биде објаснет на пензионерите. Уште поважно е прашањето за самите средства. Тие се издвојуваат од пензиите со согласност на пензионерот и се наменети за точно определена цел. ПИОМ ги пренесува на посебна подсметка во Трезорот и исплаќа посмртна помош. Но кој е правниот носител на тие средства, кој управува со нив и кој одговара за нив од моментот на издвојувањето до моментот на исплатата?  Тука не треба да се меша местото каде што средствата се чуваат со прашањето кому правно му припаѓаат и кој е одговорен за нивното управување.                                                       Колку средства се собираат, колку се исплаќаат и што останува?                                            Ова е можеби наједноставното прашање што секој учесник во еден солидарен фонд би требало да може лесно да го постави – и лесно да го добие одговорот.

Колку средства се прибрани во една година? Колку се исплатени за посмртна помош? Колку останале? Колкави се трошоците за функционирање на системот? Каде и како се прикажува преостанатиот износ?

Ако системот е уреден и средствата се користат согласно правилата, ваквата информација не треба да биде причина за недоверба. Напротив, транспарентноста е најдобриот начин да се зајакне довербата во солидарноста.  Затоа одговорот не би требало да биде само „средствата се контролираат“, туку да постои можност пензионерот да види кој контролира, што контролира и каде се објавени резултатите од таа контрола.

Тука се отвора и прашањето за финансиските извештаи и ревизијата. Кој врши внатрешен надзор? Дали постои надворешна ревизија? Кој ги разгледува финансиските извештаи и дали тие се достапни за членовите?

И каде завршува членарината, а каде започнува Солидарниот фонд?

Ова е уште едно прашање кое за обичниот пензионер не е секогаш лесно разбирливо.      Во праксата, при пензионирањето, пензионерот се изјаснува за издвојување средства за Солидарниот фонд и за членарина. Но дали овие две работи се правно неразделни или можат да постојат независно?  Дали пензионерот може да учествува во Солидарниот фонд без да биде член на пензионерско здружение? И обратно – може ли да биде член на здружение без да учествува во Солидарниот фонд?

Овие прашања се важни затоа што солидарната помош и членството во граѓанско здружение не се нужно иста работа. Едното се однесува на учество во фонд со конкретна намена, а другото на доброволно членство во организација која ги застапува интересите и потребите на своите членови.  Затоа граѓанинот има право да знае дали станува збор за две одделни права и односи кои само административно се спроведуваат преку ист механизам, или постои и нивна правна поврзаност.

Прашањето не е дали треба да постои Солидарен фонд. Прашањето е дали системот е доволно јасен за оние што во него учествуваат.

Токму затоа на 4 март 2026 година до СЗПМ и до Одборот на регистрираната организација упатив писмено барање за информации и документи. Побарав појаснување за правниот статус на ОРО, сметката на која се уплаќаат средствата, формалниот имател и органот кој располага со нив, правниот статус на средствата, финансиските извештаи, вкупно прибраните и исплатените средства, правата на членовите, како и внатрешниот и надворешниот надзор.  Не го поставив ова барање затоа што однапред претпоставувам дека во системот има незаконитост. Напротив, токму затоа што сум негов учесник, сметам дека имам право да знам како е организиран системот во кој секој месец се издвојуваат средства од мојата пензија.  До моментот на пишување на оваа колумна, на поставените прашања немам добиено одговор.  Тоа само по себе не е доказ дека системот не функционира законски. Но отвора едно друго, многу поедноставно прашање: дали пензионерот денес може на едно место, јасно и разбирливо, да добие целосна информација за тоа кој управува со средствата, колку се собираат, колку се исплаќаат, што останува и кој врши контрола?

Ако одговорот е „да“ – тогаш таквата информација треба да биде достапна.                                Ако одговорот е „не“ – тогаш можеби токму тука треба да започне разговорот за подобрување на системот.

Постои и друга можност. Државата би можела законски да обезбеди унифицирана посмртна помош за секој пензионер, независно од членството во пензионерско здружение. Но и таквиот модел би барал прецизна финансиска пресметка и јасно утврден извор на средства. Затоа прашањето не е едноставно „да се укине или да се задржи“ постојниот систем. Прашањето е како да се обезбеди сигурна помош, а истовремено јасни правила, одговорност и целосна транспарентност.

Солидарноста сама по себе не треба да биде доведувана во прашање. Напротив, токму затоа што станува збор за солидарност на голем број пензионери, довербата во системот е особено важна.  По повеќе од седум децении постоење на различни форми на пензионерска самопомош, можеби е време повторно да погледнеме како е организирана оваа солидарност денес.  Не за да се укине она што им помага на семејствата кога им е најтешко, туку за да знае секој пензионер каде одат неговите средства, кој управува со нив и кој за тоа одговара.

Оваа колумна затоа не треба да се сфати како конечен суд за постојниот систем, туку како повик за јавна расправа. СЗПМ и Одборот на регистрираната организација, до кои се упатени конкретни прашања, имаат можност јавно да ги претстават правната поставеност на системот, финансиските податоци, начинот на управување и механизмите на контрола. Таквиот одговор, со јасни, проверливи и транспарентни податоци, би бил од најголема корист не само за авторот на оваа колумна, туку пред сè за сите пензионери кои учествуваат во Солидарниот фонд, како и за оние кои допрва ќе станат негови корисници.

Зашто солидарноста е најсилна тогаш кога, покрај човечноста, во неа постојат и јасни правила, јасна одговорност и доверба.

Можете да прочитате

Левица: Груби излегува од куќен притвор – дилот меѓу ДПМНЕ и ДУИ за „Бехтел и Енка” си тече! 

Уште едно возило опожарено синоќа во Скопје

Бугарскиот амбасадор повикан во МНР поради пречекот на Ива Михајлова