
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно побараа целосно расветлување на околностите и утврдување на одговорноста за трагедијата во која животот го загубија 63 лица, а 218 беа повредени.

Нивната реакција следува по денешното судско рочиште против 13 полициски службеници од Кочани и Штип, кои се обвинети во предметот поврзан со пожарот во дискотеката.
Родителите поставуваат прашање зошто концертот воопшто бил дозволен да започне, доколку објектот немал соодветна законска документација за работа и организирање настани.
„Што требало да направи полицијата таа вечер?“, прашуваат родителите, инсистирајќи судската постапка да даде јасни одговори за постапувањето на надлежните институции и полициските службеници.
Тие сметаат дека клучно прашање е дали трагедијата можела да биде спречена доколку навремено биле преземени мерки, особено во однос на дозволувањето настанот да се одржи и користењето пиротехнички средства во затворен простор.
Во својата реакција родителите нагласуваат дека не бараат однапред да се прогласи нечија вина, туку одговорноста да биде утврдена исклучиво врз основа на доказите и фактите изведени во судската постапка.
Истовремено, тие упатуваат апел до одбраната да не ја одолговлекува постапката со прашања што, според нив, не се суштински за предметот, туку да придонесе за ефикасно утврдување на вистината.
„Ниту една униформа или функција не смее да биде пречка за утврдување на одговорноста“, порачуваат родителите на загинатите.
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето против 13 полициски службеници од Кочани и Штип.
Според обвинителството, полициските службеници кои критичната вечер биле присутни во дискотеката не постапиле согласно предвидените акциски протоколи и не го спречиле користењето пиротехнички средства.
На денешното рочиште продолжи сослушувањето на сведоците предложени од одбраната, при што беше предвидено искази да дадат двајца сведоци.
Првиот сведок, вработен во Територијалната противпожарна единица во Кочани, сведочеше за интервенцијата во ноќта кога избувнал пожарот.
Тој изјавил дека критичната ноќ бил дежурен и дека дојавата за пожарот пристигнала во 2:35 часот. Според неговото сведочење, противпожарните екипи успеале да пристигнат до дискотеката за нешто помалку од пет минути, благодарение на слабиот сообраќај во раните утрински часови.
Во својот исказ сведокот посочил дека кога пожарникарите пристигнале на местото на трагедијата, полициските службеници веќе го обезбедиле пристапот до објектот.
Според неговото сведочење, полицајците претходно ја расчистиле улицата и ослободиле простор на паркингот, со што овозможиле противпожарното возило да се позиционира и пожарникарите непречено да ја започнат интервенцијата.
Сепак, родителите на загинатите го поставуваат прашањето за постапувањето на полицијата пред избувнувањето на пожарот, односно дали надлежните имале можност и обврска да го спречат одржувањето на концертот.
Токму овие околности се дел од прашањата што треба да бидат расветлени во текот на судскиот процес.
Судењето продолжува со изведување докази и сослушување сведоци предложени од одбраната, додека судот треба да утврди дали и во колкава мера обвинетите полициски службеници сносат кривична одговорност за нивното постапување.

За родителите на загинатите, како што порачуваат, најважно е постапката да резултира со утврдување на вистината и одговорноста, без оглед на функцијата или службената положба на лицата опфатени со предметот.

