Утрински Весник
Економија

ЛДП: Министерката за финансии на линија со ЛДП го демантираше Премиерот! Бројките не лажат – владините финансии како авион без пилот!

Ldp 960x505 1.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП:

На народот можете да му продавате бајки, ПР-стратегии и евтини изговори за „нафтени кризи”, но кога ќе дојде денот за пресметка — бројките никогаш не лажат! Прес-конференцијата на Министерката за финансии целосно го демантираше Премиерот и го потврди точно тоа на што економските експерти на ЛДП гласно предупредуваа: вториот ребаланс на буџетот не е никаква „навремена заштита на граѓаните”, туку официјално признание за фискален хаос, расипништво и тотална неспособност.


Додека Премиерот ги убедуваше граѓаните дека буџетот се прекројува исклучиво поради намалените акцизи за горивата, Министерката ги разобличи овие невистини. Дупката од 86 милиони евра и кратењето на расходите не се резултат на заштеди, туку на тотален колапс на капиталните инвестиции!

Ова се поразителните факти кои излегоа на видело од самата шефица на македонскиот буџет:

– Скратени се 30 милиони евра од Министерството за енергетика — точно во секторот каде што беа најпотребни инвестиции за енергетска стабилност!

– Скратени се над 24 милиони евра за животна средина — поради неспособност да се искористат европските ИПА фондови, што е скандалозно за влада која декларативно се колне во ЕУ!

– Закочени се сите клучни проекти — пропаднаа тендери, одложена е дигитализацијата на Трезорот. Помпезно најавуваниот почеток на градба на брзата пруга до Солун и Белград за септември 2026 остана уште една неисполнета бајка. Сите имаме добра меморија!

Владата тотално ги игнорира реалните потреби на граѓаните. Наместо итно да направи сеча на непродуктивните трошоци — на измислените функции, непотребните заменички позиции, преплатените управни одбори, луксузните кабинети и советничките армии — таа скрати од развојот на државата. Истовремено, скришум ја задолжи државата за нови 150 милиони евра со висока камата од 5,25% само за да плаќа стари камати и главници!

За дебаклот да биде комплетен, Министерката веќе најавува дека во декември веројатно ќе има ТРЕТ ребаланс! Ова е крунски доказ дека во оваа Влада нема ниту план, ниту стратегија, ниту минимална фискална дисциплина.

Ова повеќе не е управување со јавните финансии, ова е возење авион без пилот. А кога авионот лета без пилот и без навигација, катастрофата е неизбежна — а опасноста од падот е за патниците, односно македонските граѓани и стопанството!

ЛДП бара итно запирање на правењето нови дупки со скапи задолжувања и конечна сеча на сите измислени партиски функции и привилегии пред државата целосно да доживее фискален колапс!

Можете да прочитате

ЕУ бара посигурни синџири за критични минерали, а Македонија сè уште бара начин да се позиционира

Серафимовски додели осум решенија за упис на корисници на заштитената географска ознака „Мариовски мед”

Димитриеска-Кочоска: Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста, туку е навремена реакција за заштита на граѓаните