
Апаратите за компјутерска томографија на Универзитетскиот институт за радиологија се во дефект, поради што пациентите привремено се пренасочуваат во други здравствени установи во Скопје. Министерството за здравство информира дека сервисирањето на апаратурата е во тек и дека се прават напори таа што поскоро да биде ставена во функција.
Според Министерството, уште од почетокот на оваа недела е направена реорганизација на упатувањето на пациентите, со цел да се обезбеди непречено функционирање на здравствената заштита и навремено извршување на потребните дијагностички прегледи.
Додека не се отстранат дефектите, пациентите на кои им е потребна компјутерска томографија ќе се снимаат во Градската општа болница „8 Септември“ и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Од Министерството нагласуваат дека е воспоставен посебен распоред за прием и снимање на пациентите, со цел да се обезбеди континуитет во здравствените услуги, особено за итните случаи.
Во ГОБ „8 Септември“, на Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија, снимањата ќе се вршат во два термина: од 08:00 до 14:00 часот и од 20:00 до 02:00 часот.
Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, пациентите ќе се снимаат од 14:00 до 20:00 часот и од 02:00 до 08:00 часот.
Овој распоред ќе важи сè додека апаратите на Универзитетскиот институт за радиологија повторно не бидат ставени во функција.
„Здравјето и безбедноста на пациентите се наш приоритет“, соопштија од Министерството, апелирајќи до пациентите и лекарите да ја почитуваат утврдената временска динамика.
Од Министерството додаваат дека се прават дополнителни напори за обезбедување термини и во други соодветни јавни здравствени установи, со цел да се избегнат застои во дијагностиката.
Засега не е соопштено кога точно ќе заврши сервисирањето и кога КТ апаратите на Радиологија повторно ќе бидат достапни за пациентите.
Надлежните уверуваат дека здравствените установи и јавноста ќе бидат навремено информирани за секоја промена, како и за враќањето на редовниот режим на работа.
Во соопштението, Министерството за здравство упати и апел проблемот со неисправните апарати да не се користи за дневнополитички цели.
„Апелираме оваа тема да не се користи за дневнополитички цели, особено што овој сегмент во системот е веќе реорганизиран и пациентите ја добиваат потребната здравствена услуга“, се наведува во соопштението.

И покрај уверувањата дека пациентите се згрижуваат во други установи, останува отворено прашањето кога ќе биде воспоставена редовната КТ дијагностика на Универзитетскиот институт за радиологија.


