Утрински Весник
Магазин

Принцот Хари откри дека паднал во депресија по преселбата во Канада – Не можев да функционирам, бев целосно исцрпен

Screenshot 2026 10 08 160052.jpg

Британскиот принц Хари (42) отворено проговори за еден од најтешките периоди во својот живот, откривајќи дека по преселбата во Канада со сопругата Меган Маркл и нивниот син Арчи, кон крајот на 2019 година, поминал низ двонеделен период на депресија. Во ново предавање за платформата „MasterClass“, војводата од Сасекс раскажа како долгогодишниот стрес, загубата на мајка му, принцезата Дијана, и потиснатите трауми оставиле последици врз неговото ментално здравје.

Хари објасни дека само неколку дена по пристигнувањето во Канада почувствувал нагол пад на адреналинот, откако со години живеел под постојан притисок.


„Кога пристигнав во Канада и конечно се оддалечив од стресната средина, по само два или три дена почувствував нешто што никогаш претходно не сум го доживеал. Како моето тело одеднаш да остана без адреналин“, раскажал принцот.

Тој признал дека толку многу се навикнал на живот исполнет со стрес што, кога конечно добил можност за мир, не можел нормално да функционира.

„Како да ми беше потребен стресот за мозокот да ми работи. Одеднаш не можев да ги извршувам ниту најобичните домашни обврски. Околу две недели бев во депресија и чувствував дека без адреналин не можам ништо“, открил Хари.

Во разговорот со невронаучничката Мери-Френсис О’Конор, тој се навратил и на трагичната смрт на неговата мајка, принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, кога Хари имал само 12 години.

Принцот признал дека со децении ги потиснувал своите чувства и се обидувал да продолжи со животот без вистински да се соочи со загубата.

„Со години, кога некој ќе ме прашаше дали сум добро, одговарав дека сум. Но, всушност бев емоционално вкочанет. Адреналинот ме туркаше напред, без воопшто да бидам свесен за тоа“, раскажал тој.

Според Хари, токму потребата постојано да биде активен била една од причините поради кои на 20-годишна возраст се приклучил на британската армија. Воената служба му помогнала да ги одвлече мислите од болните спомени, но по враќањето од втората мисија во Авганистан во 2013 година почнал да чувствува сериозни последици.

Тој открил дека доживувал напади на паника, па дури и обичното закопчување на кошулата околу вратот му предизвикувало чувство на гушење.

Особено емотивен дел од неговото сведоштво било признанието дека со години верувал оти неговата мајка всушност не е мртва.

Како дете, Хари замислувал дека Дијана ја инсценирала својата смрт за да избега од притисоците и дека еден ден ќе се врати за да ги земе него и неговиот брат Вилијам.

Принцот признал и дека долго време чувствувал вина кога бил среќен, бидејќи мислел дека со тоа на некој начин го предава споменот на својата мајка.

„Мислев дека морам да бидам тажен за да покажам колку ми недостига. Но, подоцна сфатив дека таа би сакала да бидам среќен. Тоа сознание ми го промени животот“, објаснил Хари.

Денес, како што вели, се обидува да го продолжи хуманитарното наследство на принцезата Дијана преку сопствените активности и поддршката на луѓето кои се соочуваат со трауми и загуби.

Новото предавање на принцот Хари е дел од програмата „Redefining Grief: Building Resilience Through Loss“, посветена на тагувањето, менталното здравје и справувањето со загубата.

Можете да прочитате

Беше мис на Албанија, сега е спортска новинарка: 21-годишната Франческа ги запали социјалните мрежи

Туркије ја зајакнува заштитата на културното наследство: Дронови ќе ги надгледуваат Сардис и Бин Тепе

Деца и родители: Што по разводот?