Утрински Весник
Македонија

Од бостан, дињи и пиперки собрав 350.000 евра вели мајката на судијата Ѓоко Ристов кој сведочеше за парите скриени во ѕид

Gjoko ristov sudija.jpg

„Парите се мои, цел живот ги собирав. Ми беа гаранција за старите години и за тешки денови“, сведочеше денеска Донка Ристов, мајката на апелациониот судија Ѓоко Ристов, на судското рочиште во Кривичниот суд, објаснувајќи го потеклото на 350.000 евра пронајдени сокриени во семејната куќа во Неготино.

Таа пред судот раскажа дека полицијата извршила претреси во два наврати. При првиот претрес не биле пронајдени пари, додека при вториот, кој траел два дена, полициските службеници го откриле местото каде што, според неа, со децении ја чувала семејната заштеда.


„Два дена се правеше претрес. Првиот ден работеле, барале, немало ништо и закажале за утредента. И тогаш пак барале и на крајот го нашле моето место каде што ги чував парите. Зад работната маса, зад фрижидер. Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, од 1975 година. Што ќе ми останеше некоја паричка, ќе ја отворев една плочка, како прозорче, во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку“, сведочеше Донка Ристов.

Таа потврди дека на тоа место биле пронајдени вкупно 350.000 евра, од кои 250.000 евра биле во банкноти од по 50 евра, а останатите 100.000 евра во банкноти од 100 и 500 евра.

Според нејзиното сведочење, парите биле заработувани и штедени со децении, главно од земјоделство и продажба на производи на пазарите.

„Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, сè имавме. Секаде по пазар одев“, изјави мајката на судијата, додавајќи дека подоцна семејството започнало да се занимава и со лозарство.

На прашањето дали некој друг знаел за скриените пари, таа одговори дека за нив знаеле само таа и нејзиниот сопруг.

„Никој не знаеше, тоа беше мое лично и на сопругот“, рече Донка Ристов.

Случајот против апелациониот судија Ѓоко Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, како дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија, со цел укинување на мерката притвор за Љупчо Пецов.

Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.

Против Ристов се води судска постапка поврзана со 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Според Обвинителството, средствата не биле пријавени, а нивното потекло не било поткрепено со соодветни докази.

Сведочењето на неговата мајка претставува дел од судската постапка во која треба да се утврдат фактите и потеклото на пронајдените пари.

Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.

Можете да прочитате

Шасивари на Меѓународниот самит за правда во Истанбул

Претрес во скопско, пронајдени дрога и оружје

Исмаил со демант: СДС не предлага 600 евра минимална плата, туку субвенционирање на газдите со народни пари