Утрински Весник
Свет

Од училниците на улиците: Зошто протестите во Франција прераснаа во масовно незадоволство?

Francija protesti.jpg

Недостиг од наставници, преполни училници и лоши услови во училиштата извлекоа стотици илјади луѓе на улиците во Франција. На средношколците им се придружија родители, наставници и студенти, а протестите прераснаа во поширок притисок врз Владата за повеќе вложувања во јавното образование.

Движењето почна на 21 септември во училиште во Кретеј, во парискиот регион, поради недостиг од наставници. За кратко време се прошири низ земјата, со блокади на училишта и бојкот на наставата. Учениците посочија дека незадоволството се таложи со години, а меѓу проблемите го вброија и системот за пријавување на факултети „Паркурсуп“, кој според нив создава дополнителен стрес и нееднаквост.


На демонстрациите во вторникот, 6 октомври, учествуваа повеќе од 250.000 луѓе, според Министерството за внатрешни работи. Организаторите наведоа бројка од 450.000. Во Париз, Стразбур, Рен и Тулуз полицијата употреби солзавец и водени топови при судирите со групи на маргините на протестните поворки.

Полициските интервенции дополнително го засилија гневот. Особено силни реакции предизвика случајот во Ланс, каде што 15-годишно момче остана без шака и дел од подлактницата по експлозија на полициска граната. За инцидентот е отворена истрага, а организации за човекови права предупредија на прекумерна употреба на сила.

Премиерот Себастиен Лекорну кажа дека во судирите досега се повредени најмалку 215 тинејџери и 85 вработени во училиштата. Тој најави одговор на проблемите со замената на отсутните наставници, долгите училишни денови и поправката на објектите.

Незадоволството се одвива во услови на висок јавен долг и притисок за ограничување на државните трошоци. За демонстрантите, клучното прашање е дали ветувањата ќе донесат видливи подобрувања. Ученичките организации најавија продолжување на мобилизацијата додека Владата не преземе конкретни мерки и не обезбеди дополнителни средства за образованието.

Можете да прочитате

ЕУ тајно се подготвува за голем руски хибриден напад

Трамп планира разговор со Путин

Ванс: Разговараме со иранските лидери, но не знаеме колку вистинска моќ имаат