Утрински Весник
Македонија

Стафа тврди дека не му дал ниту евро на Ѓоко Ристов – Признав за да добијам поблага казна

Fehmi stafa .jpg

Продолжението на судењето за апелацискиот судија Ѓоко Ристов донесе тензична атмосфера во судницата, откако како сведок беше сослушан адвокатот Фехми Стафа, кој веќе издржува 15-месечна затворска казна за примање награда за противзаконито влијание.

Стафа, кој беше спроведен од затворот „Шутка“, категорично негираше дека му давал пари на судијата Ристов и тврдеше дека претходно го признал делото единствено за да добие поблага казна и да излезе од притвор.


„Во ниту еден предмет не сум му дал пари на Ѓоко. Го признав делото затоа што ја одбрав најблагата казна. Не сакав и мене да ми се случи тоа што му се случи на Ѓоко Ристов“, изјави Стафа пред судот, додавајќи дека во тој момент избирал меѓу „две зла“.

Неговиот денешен исказ и соочувањето со претходното признание на вина отворија низа прашања за околностите под кои била постигната спогодбата со обвинителството.

Стафа тврдеше дека при апсењето бил изложен на закани и притисоци, за што, како што рече, подоцна поднел претставка до внатрешната контрола. Според неговиот исказ, обвинителката Искра Хаџи Василева му сугерирала сумата од 20.000 евра да ја прикаже како пари наменети за судијата Ристов.

Во судницата Стафа говореше и за сумите од 30.000 и 100.000 евра кои се споменуваат во предметот.

За 30.000 евра тврдеше дека станувало збор за заем од сестрата на Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, за што, според него, постои и писмен доказ. Тој негираше дека парите претставувале поткуп, како што тврди обвинителството.

Во однос на сумата од 100.000 евра, Стафа негираше дека парите биле барани за влијание врз судии. Според неговото објаснување, во разговорите биле споменувани имиња на судии кои одлучувале за предметите, но тоа не значело дека парите биле наменети за нив.

Стафа ја оспори и логиката на обвинението во делот кој се однесува на притворот на Пецов. Според него, уште на 2 декември постоела негативна одлука за укинување на притворот, додека тој бил уапсен на 13 декември.

„Пецов знаеше за таа одлука. Каде е логиката утредента да ме лишат од слобода дека сум вршел поткуп за замена на притворот со куќен, кога 11 дена претходно имаше негативна одлука?“, праша Стафа.

Тој додаде дека подоцна самата обвинителка Наташа Поп-Трајкова предложила мерка куќен притвор.

За снимките на кои се гледа како влегува во канцеларијата на Ристов во Апелацискиот суд, Стафа рече дека со него се среќавал значително поретко отколку со други судии и дека средбите биле исклучиво за правни консултации.

Според Стафа, доколку теоријата на обвинителството била точна, логично би било судијата да донесе одлука за укинување на притворот, наместо барањето да биде одбиено.

Во текот на вкрстеното испрашување, обвинителката Искра Хаџи Василева го потсети Стафа дека барањето за спогодба го потпишал свесно и со целосно разбирање на последиците. Таа нагласи дека Стафа не е осуден за давање поткуп на Ристов, туку за примање награда со намера да оствари влијание.

По завршувањето на рочиштето, Хаџи Василева изјави дека судот ќе треба да го оцени кредибилитетот на исказот на Стафа, имајќи предвид дека станува збор за лице кое веќе е правосилно осудено во врска со истиот случај.

Обвинителката посочи и дека Љупчо Пецов – Ѓаволот во предметот има својство на соработник и сведок кој пријавил корупција, оценувајќи дека ваквото постапување треба силно да се охрабрува.

Одбраната, пак, смета дека денешниот исказ на Стафа отвора сериозни прашања за доказите врз кои се темели обвинението.

„Тие материјални докази никаде не се прикажани. Мораме да ѝ веруваме на збор на обвинителката… но во ниту еден предмет не е прикажано каде е примен поткупот за судијата Ѓоко Ристов. Ќе мораме да ѝ веруваме на збор, бидејќи ниту во тој предмет тие докази не беа изведени“, изјави бранителот Давидовиќ.

Одбраната нагласи дека ќе продолжи да инсистира на почитување на законските права и на целосно изведување на доказите во постапката.

Можете да прочитате

Focus on the Road – засилени контроли на МВР за користење мобилни телефони и електронски уреди во сообраќајот

По маратонот, Пакомак и средношколците ги исчистија улиците од пластични шишиња 

КЛУЧ ОД МОТОР ПОВРЗАН СО УБИСТВО ПРОНАЈДЕН КАЈ 33-ГОДИШНИК: Во домот имал бомба, два пиштоли и 240 куршуми