Утрински Весник
Македонија

Средба во Охрид со две врвни пијанистки

Ohri 02.10.2026.jpg

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар, дипломат во пензија

Понекогаш една средба може да има многу подлабоко значење од она што може да се претпостави и почувствува во првиот миг. Средбата во Охрид, на 2 октомври 2026 година, со две светски познати пијанистки – госпоѓа Мерал Јапали (Meral Yapalı) и госпоѓа Снежана Пановска – за мене беше токму таква средба.


Со госпоѓа Мерал Јапали одамна посакував да се сретнам. Нејзиното име со години ми е познато од моите истражувања за Организацијата ЈУЏЕЛ, особено за трагичните настани од 1948 година. Затоа, можноста лично да разговарам со неа за некои аспекти од тој период за мене имаше посебно значење.

Мерал Јапали е единственото дете на Али Абдурахман Али (Ali Abdurahman Ali), еден од челниците на Организацијата ЈУЏЕЛ, и на Дидар Ќазим Али (Didar Kazım Ali), позната виолинистка која своето музичко образование, во периодот меѓу двете светски војни, го стекнала во Скопје, Париз и Берлин.

Госпоѓа Мерал е родена во 1940 година во Скопје. Нејзиното детство било обележано со драматичните случувања во повоените години. По извршувањето на смртната казна над нејзиниот татко и по излегувањето на нејзината мајка од затвор, во 1957 година таа, заедно со мајка ѝ, како и голем број други Турци од Македонија и Југославија, се иселила во Република Турција.

И покрај тешките околности во кои растела, музиката станала нејзиниот животен пат. Следејќи ги стапките на својата мајка, Мерал почнала да изучува пијано уште на пет-шестгодишна возраст, а подоцна изградила успешна кариера како позната турска пијанистка.

Музичката традиција продолжила и во следната генерација. Нејзината ќерка, доц. д-р Нихан Јапали (Nihan Yapalı), која живее во Соединетите Американски Држави, го избрала истиот професионален пат и станала позната пијанистка.

Во нашиот разговор во Охрид неизбежно се навративме на далечната 1948 година. Разговаравме за нејзиното семејство, за нејзините родители и за некои аспекти од тогашните случувања. За мене беше особено значајно што историските настани, а конкретно и судбината на членовите на Организацијата ЈУЏЕЛ, кои со години ги проучувам и ги истражувам преку разни документи, книги и сведоштва, овојпат ги слушав од човек кој како дете непосредно ги почувствувал нивните последици.

Уште во јануари 2025 година, додека ја подготвував турската верзија на мојата книга за „Судскиот“ процес против Јуџелџиите, имав можност да стапам во контакт со госпоѓа Мерал. Таа тогаш, преку неколку гласовни пораки, ми го пренесе своето сведоштво за судбината на семејството Али. Тоа сведоштво за мене претставува особено драгоцен извор, затоа што зад историските документи се наоѓа човечката приказна на едно дете чиј живот бил трајно променет од настаните во 1948 година.

Средбата во Охрид имаше и едно прекрасно и неочекувано продолжение

Мерал Јапали беше придружувана од својата долгогодишна колешка и пријателка, светски познатата македонска пијанистка госпоѓа Снежана Пановска, која заедно со својот сопруг, господин Милан Пановски, повеќе од три децении живее и работи во Куала Лумпур, Малезија. Реализирајќи ја мојата желба за средба со госпоѓа Мерал, истовремено имав чест и задоволство неочекувано да се запознаам и со госпоѓа Пановска.

Со неа разговаравме за нејзиниот долгогодишен живот и работа во Азија, но пред сè за нејзината посветеност кон афирмацијата на македонската музика и култура ширум светот, а особено на азискиот континент. Во текот на својата повеќедецениска кариера таа освоила голем број меѓународни награди, настапувала во повеќе земји и била член на жирија на пијанистички натпревари во Азија и Европа. На нејзина иницијатива во Куала Лумпур е формирана „Шопен сосајети Малезија“, преку која се организираат меѓународни натпревари за пијано и фестивали и им се дава можност на младите музички таленти да го покажат својот потенцијал.

Покрај нејзината богата професионална кариера, особено внимание заслужува нејзината посветеност кон афирмацијата на Македонија. Каде и да настапува, таа ја претставува својата земја. Ги претставува македонските композитори и музичари, зборува за македонската музика, а на културните настани гостите ги поздравува на македонски јазик.

Многумина од луѓето што ги среќавала во Азија, како што самата вели, никогаш претходно не слушнале за Македонија. Затоа, нејзината работа има значење кое ги надминува рамките на една лична музичка кариера. Тоа е еден вид културна дипломатија – тивка, непосредна и без протокол, но затоа многу значајна.

За нејзиниот придонес во афирмацијата на делото на Шопен, во 2010 година Пановска била почестена со „Шопен пасош“ и прогласена за светски граѓанин од Институтот „Шопен“ во Варшава и Владата на Полска. Таа има и трајно државјанство на Малезија.

Слушајќи ја госпоѓа Пановска како зборува за својот живот во Малезија, за младите музичари, за бројните земји во кои настапувала и за нејзината постојана желба да ја претставува Македонија, повторно ми се наметна мислата за необичноста на оваа средба.

Од едната страна беше Мерал Јапали – жена чиј животен пат започнал во Скопје и чија семејна историја е неразделно поврзана со едно од најтрагичните поглавја од повоената историја на македонските Турци. Од другата страна беше Снежана Пановска – Македонка која повеќе од три децении живее илјадници километри далеку од својата татковина, но која преку музиката постојано ја носи Македонија со себе.

Две различни животни патеки, а една заедничка љубов – музиката. И едно заедничко место – Македонија

Можеби токму во тоа се состои најголемата симболика на мојата средба со двете почитувани дами. Историјата нè потсетува на тешките моменти и на неправдите што ги доживеале луѓето во минатото. Но, историјата не треба да биде ѕид меѓу луѓето. Напротив, соочувањето со минатото и неговото разбирање може да биде основа за меѓусебно почитување и за создавање подобри односи во сегашноста. А музиката, како универзален јазик, токму тоа и го прави – ги зближува луѓето.

Затоа средбата во Охрид не ја доживеав само како средба со две познати пијанистки, туку како средба на две животни приказни, на две културни искуства и на две различни судбини и животни патеки кои повторно се сретнале во Македонија. Мерал Јапали ја носи Македонија во своите спомени од детството и во својата животна приказна, додека Снежана Пановска ја носи Македонија во светот – преку музиката, преку својата професија и преку секојдневната работа со младите. Едната нè потсетува на минатото. Другата ја претставува Македонија во сегашноста и ја отвора кон светот.

Историјата треба да се памети и истражува, особено кога зад неа стојат човечки судбини. Но, истовремено, историјата не треба да биде причина луѓето да останат заробени во минатото. Напротив, токму разбирањето на минатото може да биде основа за поголемо меѓусебно почитување, разбирање и зближување.

Музиката, пак, не познава граници. Таа може да ги поврзе луѓето без оглед на нивното потекло, јазик или животна приказна. Можеби затоа Охрид беше вистинското место за една ваква средба. Градот кој со векови е место на културни и цивилизациски допири, овојпат беше домаќин на средба со две врвни пијанистки чии животни патишта тргнале во различни насоки, но повторно се сретнале во Македонија. Токму затоа сметам дека ваквите личности заслужуваат поголемо внимание и соодветна почит од македонските институции.

Како заклучок би можело да се истакне дека неодамнешната средба во Охрид со двете почитувани личности од областа на класичната музика, иако траеше само околу еден час, отвори приказна која е многу поголема од самата средба. Приказна за минатото и сегашноста, за Македонија и светот, за историјата и музиката и, пред сè, за луѓето. Можеби токму затоа некои средби траат само еден час, но остануваат во сеќавањето многу подолго.

Можете да прочитате

Саша Богдановиќ со нова партија, Српската демократска лига го одржува првиот изборен Конгрес

Клековски: Трансформацијата на здравството мора да се почувствува на патот на пациентот

Поднесена кривична пријава за уште две раководителки во Државна Лотарија