Утрински Весник
Економија

Серафимовски: Органското производство го развиваме како дејност што создава повисока вредност и поголеми приходи

Slika 1.jpg

Го поддржуваме органското производство да се развива како современа економска дејност што создава повисока додадена вредност и поголеми приходи за производителите, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој денес во Куманово ги отвори деветтиот Меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза 2026″ и петтиот Меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АгроМак 2026″.

„Органското земјоделство е современ, прецизен и контролиран начин на производство што бара знаење, следливост и одговорност кон животната средина и здравјето на луѓето. Органскиот производител заслужува систем што ќе го препознае неговиот дополнителен труд и ќе го заштити од погрешно декларирани производи и нелојална конкуренција”, истакна министерот Серафимовски.


Тој нагласи дека политиките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се насочуваат кон засилена контрола, сигурна сертификација, потврден квалитет и поголема видливост на домашните органски производи.

„Добриот производ се создава на нива или на фарма, но неговата вредност се потврдува на пазарот. Новата механизација, дигиталните решенија, прецизното наводнување и современата опрема за преработка им овозможуваат на производителите порационално да ги користат ресурсите, да ги намалат загубите и да создаваат повисок квалитет”, порача министерот Серафимовски.

Организатори на „Органска трпеза 2026″ и „АгроМак 2026″ се здружението „Живот”, Комората на органски производители на Македонија и Општина Куманово, а на манифестациите учествуваат производители, изложувачи и гости од земјата и од странство.

Можете да прочитате

„Македонија, Србија, Грција и Бугарија ги забрзуваат регионалните енергетски врски и новите коридори за снабдување“

Струјата е „евтина” само на хартија, но најмногу тежи на џебот на народот – Левица бара реформа на тарифниот систем

Стопанската комора добитник на меѓународна награда за општествена одржливост