
Потрошувачката на нафтени деривати во Македонија бележи значителен раст, особено кај дизелот и бензините, но зголемувањето не се должи само на домашните возачи. Значаен удел имаат и граѓани од соседните земји кои доаѓаат во Македонија за да наполнат гориво поради пониските цени, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ристов објасни дека РКЕ нема прецизни податоци со кои може да се направи јасна поделба меѓу горивото што го трошат домашните потрошувачи и она што го купуваат странските државјани, но расположливите показатели упатуваат на значително зголемување на вкупната потрошувачка.
„Не можеме да направиме раздвојување што значи домашна потрошувачка и да кажеме – ова е извезена потрошувачка. Меѓутоа, имаме параметри дека многу е зголемена потрошувачката на гориво“, рече Ристов.
Според него, дел од растот директно се должи на пограничната потрошувачка, односно на возачи од соседните држави кои влегуваат во Македонија и полнат гориво поради разликата во цените.
„Не е тоа последица на домашното трошење, туку баш она на пограничното трошење“, истакна Ристов.
Дополнителен фактор, особено во текот на летната сезона, е и големиот број патници кои транзитираат низ Македонија. Поради пониските цени во однос на Србија, Грција и други земји од регионот, според Ристов, за транзитните патници е поисплатливо резервоарите да ги наполнат во Македонија.
Зголемената продажба на горива истовремено носи и дополнителни приходи во државниот буџет преку даноците и акцизите.
„Од секој литар нафтен дериват, од 25 до 35 денари е бенефитот за државата, односно за полнење на буџетот“, рече претседателот на РКЕ.
Тој посочи дека и домашната потрошувачка, независно од транзитот и пограничното точење, вообичаено расте за околу два до три проценти годишно. Овој тренд, според него, е поврзан и со економската активност, бидејќи растот на БДП и индустриското производство носи поголем транспорт и превоз, а со тоа и поголема потрошувачка на гориво.
Ристов направи разлика меѓу физичкиот раст на потрошувачката и финансискиот ефект врз државниот буџет. И покрај намалувањето на акцизите и ДДВ-то, очекува приходите од овој сегмент да останат значителни до крајот на годината.
„Доколку имате поголема потрошувачка, имате повеќе приходи“, заклучи Ристов.


