
Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, повторно ја нагласи потребата од промени во СДСМ, оценувајќи дека партијата се соочува со сериозен пад на изборната поддршка.

Петров рече дека целта на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“, во која учествува, не е да се чека уште еден изборен неуспех, туку процесот на промени да започне навреме.
„Ние не сакаме да бидеме, можеби е груб терминот, во ситуација во која некој би рекол како мршојадци чекате сега да изгуби уште еднаш“, рече Петров.
Тој се повика на актуелните анкети и на резултатите од последните локални избори, оценувајќи дека поддршката за СДСМ во моментов е значително пониска во споредба со претходните изборни циклуси.
„На сите анкети сега сме на 8%, 7,5%, некаде околу сто илјади гласа. Во моментот е толку“, рече Петров.
Според него, ваквите бројки треба да бидат сигнал дека промените во партијата не треба да се одложуваат.
„Колку побрзо дојде до промена, шансите се побрзо да закрепне“, порача Петров.
Тој смета дека промените во раководниот пристап треба да бидат проследени и со пошироко обединување на опозицијата. Според Петров, потребно е да се разговара со различни политички и општествени групи и да се бара модел за создавање алтернативна политичка понуда.
Осврнувајќи се на политиките на актуелната власт, Петров оцени дека опозицијата не треба да го презема политичкиот дискурс на десницата, туку да понуди сопствени и различни политики.
„Ние треба да промовираме различни политики, не да влегуваме во нивната вода, во нивниот одвир, затоа што таму може само да се удави опозицијата“, рече тој.
Петров се осврна и на политичкиот речник што се користи во внатрепартиските пресметки во СДСМ, критикувајќи го начинот на кој се комуницира со членови и поранешни функционери кои имаат критички став кон актуелните политики на партијата.
Како пример го посочи терминот „шизофреници“, за кој рече дека бил употребен за луѓе кои со години носеле одговорност во СДСМ.
„За луѓе кои носеле товар во СДСМ 20 години да употребиш таков термин“, рече Петров.
Според него, токму ваквиот начин на комуникација дополнително ѝ нанесува штета на партијата, а не фактот дека група луѓе се собрале да разговараат за нејзината иднина.
„Тоа е вокабулар кој дополнително го руинира СДСМ. Не го руинира тоа што се собра една група на луѓе да дискутира, да разговара како да одиме подобро“, рече Петров.
Тој нагласи дека на првата дебата на иницијативата не бил посочен ниту еден конкретен човек и дека разговорите биле насочени кон пошироките политички и општествени прашања.

Петров оцени дека реакциите кон „12:05“ се засилиле откако иницијативата почнала да привлекува поголемо внимание во јавноста и откако се појавиле различни толкувања за нејзините цели.

