Утрински Весник
Македонија

Поврат на персоналниот данок за вработените мајки и измени во јавните набавки пред собраниската Комисија за финансирање и буџет

Sobraniska komisija.webp.webp

Вработените мајки на прво, второ и трето дете да добиваат целосен поврат на платениот персонален данок, а во јавните набавки да се воведат нови механизми за професионализација, поголема транспарентност и користење на вештачка интелигенција, предвидуваат два законски предлога што денеска ќе се разгледуваат на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според предложените измени на Законот за јавните набавки, предвидено е модернизација на системот за обука на службениците за јавни набавки преку континуирано професионално усовршување наместо досегашната ресертификација со повторно полагање испит.


Дополнително, се прошируваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на дигиталните алатки и вештачката интелигенција за подобрување на процесите и намалување на ризиците од корупција, како и воведување нови механизми за размена на податоци и поголема транспарентност во постапките.

На дневен ред на Комисијата е и Предлог-законот за дополнување на Законот за данокот на личен доход со кој се предвидува целосен поврат на платениот персонален данок за вработените мајки.

Според предложеното решение, мајките на првородено дете ќе имаат право на поврат на 100 проценти од платениот данок на личен доход од плата во период од 12 месеци, мајките на второродено дете во период од 24 месеци, а мајките на третородено дете до неговото полнолетство, односно до наполнување 18 години.

Предлагачот образложува дека целта на мерката е да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за семејствата преку зголемување на расположливиот доход, без воведување нови надоместоци или директни исплати од Буџетот.

Во образложението се наведува дека решението е одговор на економските предизвици со кои се соочуваат семејствата и потребата за подобро усогласување на професионалните и семејните обврски, а воедно е насочено и кон поддршка на демографската политика и поттикнување на наталитетот.

Можете да прочитате

МЕРМС: За само две години Министерството постави највисок стандард на отвореност

Претставен новиот Европски портал за птици со податоци и од Македонија

Хоџа на министерска средба во Рим: За водите ни требаат заеднички решенија, инвестиции и цврста регионална соработка