Утрински Весник
Македонија

Левица: Помилуван од Иванов, вработен од Мицкоски, сега директор на Шутка – ДПМНЕ си ги чува своите кадри

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

По Оливер Станковски во Шутка, кривичната пријава против директорот на прилепскиот затвор Емил Јанески за несовесно работење, а претходно и повлечениот предлог за Ељези во Идризово, кој отслужувал затворска казна за дело поврзано со дрога, се поставува прашањето: дали ДПМНЕ почна да ги полни раководните позиции во затворскиот систем со луѓе чии биографии повеќе наликуваат на оние на затворениците?


Оливер Станковски, новиот директор на КПУ Затвор Скопје – Шутка, во минатото бил осудуван и издржувал затворска казна, а во 2016 година бил помилуван со одлука на тогашниот претседател Ѓорге Иванов. По издржувањето на казната, Станковски бил ангажиран во Шестата управа на МВР, а потоа и во тимот за непосредно обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски.

А Станковски не е единствениот ваков случај. Директорот на прилепскиот затвор Емил Јанески има кривична пријава за несовесно работење, додека Ељези, кој беше предложен за функција во КПД Идризово, претходно отслужувал затворска казна за дело поврзано со дрога, но предлогот за негово именување беше повлечен по реакциите во јавноста. Кога во краток период се појавуваат вакви кадровски решенија токму во институциите задолжени за извршување на санкциите, тешко е прашањето да се сведе на една проста коинциденција.

За ваквите функции се потребни стручност, интегритет, релевантно искуство и особено сериозна безбедносна проверка. Оттука, јавноста има право да знае кои критериуми ги применува ДПМНЕ кога ги избира луѓето што треба да раководат со затворите.

Особено кога кај Станковски постои и директна политичка врска со актуелната власт. Човек со претходна осуда не само што повторно влегува во државниот систем, туку стигнува до непосредното обезбедување на премиерот Мицкоски, а потоа и до директорската функција во Шутка. За други граѓани, ваквата биографија може да биде сериозна пречка. За кадрите на власта, очигледно може да биде само нешто што треба да се „надмине”.

Левица бара веднаш да биде разрешен Оливер Станковски од функцијата директор на КПУ Затвор Скопје – Шутка. Човек со претходна осуда, кој по издржаната казна повторно е вработен во безбедносниот систем, станал дел од обезбедувањето на премиерот, а потоа е поставен да раководи со затворска установа, не може да биде претставуван како доказ за професионализација на системот. Владата должи одговор зошто токму нему му ја дала довербата за една од најчувствителните функции во затворскиот систем и кој презема одговорност за ова катастрофално кадровско решение.

Можете да прочитате

На аеродромот во Скопје уапсен француски државјанин баран со потерница

21 возач уапсен во изминатите 24 часа

ВМРО-ДПМНЕ: На Филипче ништо не му чини оти му се распаѓа партијата