Утрински Весник
Македонија

Левица: ДПМНЕ го награди послушниот Уставен суд – само 24 часа по цензурирањето на Левица, уставните судии си добија покачени плати

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Уставниот суд одлучи дека Левица нема право ни на уставносудска проверка на дискриминаторските одредби со кои ѝ се оневозможува пристап до платено политичко рекламирање, по што власта експресно почна да им ги враќа повисоките плати на уставните судии. Ако некој се прашува како изгледа институционалната симбиоза меѓу политичката власт и „независното” судство, тешко дека може да се најде подобра илустрација од последниве 72 часа.


На 17 јуни Уставниот суд донесе одлука со која ги укина одредбите што ги намалија коефициентите за платите на неговиот претседател и судии. Со тоа коефициентот за претседателот од 2,81 се враќа на 3,08, а за уставните судии од 2,60 на 2,85, што значи дека од 1 октомври тие повторно ќе имаат повисоки коефициенти од оние што важат за останатите избрани и именувани функционери.

Со други зборови, кога државата ги намалуваше коефициентите на функционерите, тоа важеше за сите – пратеници, министри, градоначалници и останати избрани и именувани лица. Само уставните судии најдоа правна конструкција со која самите се издвоија од тој режим, повикувајќи се на својата уставна положба и независност. Уставните судии практично се поставија над останатите функционери: за сите важи намалувањето, само за нив не.

А на 24 септември, оваа одлука стигна пред собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, каде што членовите од ДПМНЕ и СДСМ едногласно го изгласаа враќањето на повисоките коефициенти. ДПМНЕ и СДСМ можат навидум да се препираат за сè, но кога треба заеднички да се употребат сите механизми за стишување на единствената опозиција – Левица, тогаш решението се наоѓа експресно.

Одлуката на Уставниот суд за повисоките коефициенти е донесена уште во јуни и со месеци стоеше во Собранието без да биде спроведена. А потоа, само еден ден откако истиот тој Суд одлучи да не поведе постапка по иницијативата на Левица и да го остави на сила моделот со кој Левица е исклучена од платеното политичко рекламирање, предметот одеднаш се придвижува. Навистина е тешко човек да не го доживее ова како награда за добро сработената работа.

ДПМНЕ си обезбеди Уставен суд кој ќе пресече кога треба да се удри по единствениот вистински опозициски субјект, а потоа ќе си ги награди послушните судии кога ќе ја завршат зададената работа. Не е случајно што одлуката за платите три месеци собираше прашина во Собранието, за да биде извадена токму еден ден по одлуката со која Левица останува без можноста да се рекламира на телевизии и други медиуми за време на избори. Вака изгледа кога партиската контрола врз судството станува отворена трговија: услуга за власта, награда за судиите.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Рубин Земон, човекот кој го негираше македонскиот идентитет се уште е член на Централниот одбор на СДС

21. издание на АКТО фестивал

СДСМ: Платформа за иднината на Мицкоски – ЗНАМ 2.0 нема да помине