Утрински Весник
Македонија

Дискриминацијата и цензурата на Левица ќе бидат нотирани во европските извештаи, Крмов се сретна со претставници од Европскиот парламент

Photo 5886433188513517414 y.jpg

Соопштение на Левица:

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, оствари средба со претставници на Европскиот парламент, во рамки на 25-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија. 


Во разговорот за реформската агенда на Владата, Крмов посочи дека квантитетот на реформите не можат да бидат замена за нивниот демократски и правен квалитет. Како примери ги посочи проблемите со Законот за Судскиот совет, кој и по донесувањето беше предмет на корекции, односно вратен, како и Законот за рестриктивни мерки, оценувајќи дека токму ваквите случаи покажуваат дека зад формалната реформска динамика остануваат сериозни слабости во начинот на кој власта ги креира законските решенија.

Централно прашање на средбата беше Изборниот законик и системската дискриминација на Левица, како еден од најеклатантните примери за демократскиот дефицит што останува зад декларативната реформска агенда на Владата. Тој посочи дека неопходните измени на изборното законодавство годинава не беа донесени поради уценувањето на ДПМНЕ во последен момент да се вклучи и дијаспората. 

Последицата од постојниот Изборен законик, како што ја опиша и Крмов на средбата беше апсурдна: Левица, иако парламентарна партија со шест пратеници и сопствена пратеничка група, единствена не беше опфатена во распределбата на ППР, односно остана без воопшто можност за рекламирање, па имавме и ситуација каде што во вториот круг на изборите за градоначалник на Скопје, беа присутни реклами само од кандидатот на ДПМНЕ наспроти ниту една реклама на кандидатот на Левица – Амар Мециновиќ. 

Оваа состојба и факт предизвика вчудоневидување кај претставниците на Европскиот парламент и во дискусијата беше изразено сериозно негодување за можноста парламентарна политичка сила да биде доведена во ваква положба, при што беше посочено дека таквата нерамноправност е незамислива во демократски изборен процес во рамки на ЕУ. Претставниците најавија дека случајот со третманот на Левица и проблемот со изборното законодавство ќе бидат нотирани во нивните извештаи.

На крајот, Крмов го повтори ставот дека европската иднина треба да се гради врз дипломатија, соработка и надминување на политиката на трајни конфронтации и воспоставување мир.

Можете да прочитате

Муцунски: Стратешкото партнерство со САД е суштински значајно за долгорочната политичка и економска безбедност и стабилност

Засилени контроли на сладолед и мраз, изречени 45 казни при контролите на АХВ

АТС Грoуп: Компанијата не е и нема да биде инструмент за дневно-политички пресметки