
Вкупно 252 студенти досега се одбиени на конкурсот за сместување во студентските домови бидејќи не ги исполнувале пропишаните критериуми, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ.
Јаневска објасни дека постојат јасно утврдени услови кои студентите мора да ги исполнат за да добијат место во студентски дом, а една од основните причини за одбивање е неисполнувањето на критериумот за статус на редовен студент.
Право на сместување имаат редовните студенти, додека оние кои имаат апсолвентски статус подолг од три години ги губат овие привилегии.
Како дополнителен проблем при аплицирањето, министерката го посочи доставувањето некомплетна документација.
Бидејќи целиот процес на аплицирање е дигитализиран, студентите самостојно ги прикачуваат потребните документи, поради што Јаневска апелираше внимателно да се проверува дали пријавата е целосна пред нејзиното поднесување.
„Аплицирањето е целосно дигитализирано и апелирам до студентите да внимаваат кога ги прикачуваат документите. Мора да бидат редовни студенти и да ја достават целата потребна документација за да добијат место“, истакна министерката.
Таа најави и промена во начинот на користење на евентуално преостанатите слободни капацитети во студентските домови.
Доколку по завршувањето на сите предвидени рокови останат непополнети места, Министерството за образование и наука подготвува нов правилник со кој тие би можеле да им бидат понудени на студентите на комерцијална основа.
Според најавата на Јаневска, цените за ваквото сместување би биле значително повластени, со цел слободните капацитети во студентските домови да бидат искористени и да им се овозможи сместување и на дополнителен број студенти.



