Утрински Весник
Македонија

Драма во поликлиниката „Букурешт“: Доктор нападнат додека прегледувал пациентки, му скршиле вратен пршлен

Img 4528.jpeg

Гинекологот Дејан Огненовиќ бил физички нападнат на своето работно место во поликлиниката „Букурешт“ во скопски Карпош, при што се здобил со сериозна повреда – скршеница на вториот вратен пршлен.

Нападот се случил на 16 септември во просториите на неговата приватна гинеколошка ординација, додека лекарот бил на работа и прегледувал пациентки.


Според сведоштвото на Огненовиќ за Сител, машко лице влегло во ординацијата, најпрво му упатило вербални закани, а потоа физички го нападнало и го удрило во пределот на вратот.

Последиците од нападот, според лекарот, се појавиле за кратко време. Неколку часа подоцна почнал да има проблеми со движењето и чувството во рацете, како и потешкотии со вилицата.

Медицинската документација од ТОАРИЛУЦ, според објавените информации, покажала дека Огненовиќ се здобил со скршеница на вториот вратен пршлен.

Докторот тврди дека нападот не бил изолиран инцидент, туку дека претходно добивал закани. Тој за Сител изјавил дека се сомнева оти зад случувањата стои обид да биде отстранет од ординацијата, а како можна причина ја посочува конкуренцијата. Овие негови сомнежи засега не се потврдени од надлежните институции.

Огненовиќ наведува и дека неколку дена пред физичкиот напад две жени, облечени во бели медицински мантили со црна лента, ги покриле камерите од видеонадзорот во ординацијата. Претходно, според неговите тврдења, бил пресечен и интернет-кабелот.

Камерите, како што објаснува докторот, биле поставени откако во неколку наврати забележал исчезнување на медицински досиеја на пациенти.

Случајот бил пријавен во полиција на 16 септември. Огненовиќ вели дека стравува за сопствената безбедност, но и за безбедноста на своето семејство.

Според информациите објавени од Сител, СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот. По завршувањето на постапката, до надлежното Јавно обвинителство треба да биде поднесена соодветна кривична пријава.

Можете да прочитате

Мицкоски на средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД: Преку сериозни и долгорочни партнерства до нови можности за инвестиции

Андоновски: Националниот дата центар ќе се гради до крајот на мандатот на Владата

Мицкоски од Њујорк: Со САД градиме партнерство засновано на доверба, почит и конкретни резултати