Утрински Весник
Македонија

Ешалонот од национални воени претставници при Врховниот штаб на Сојузничките сили во Европа во посета на Армијата

Dji 0073.jpg

Во периодот од 20 до 23 септември 2026 година, во посета на нашата држава и Армијата за првпат престојува ешалонот од национални воени претставници при Врховниот штаб на Сојузничките сили во Европа.

Целта на посетата е националните воени претставници да стекнат подобро разбирање на стратешките и оперативните аспекти на безбедноста и одбраната преку непосреден увид во безбедносните и одбранбените политики и капацитети на земјата домаќин, начинот на организација и подготвеност на силите, како и да се запознаат со културата, традицијата и обичаите на нашата земја.


Денес во касарната „Илинден” во Скопје гостите беа пречекани од началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на Командата за опeрации бригаден генерал Мирче Ѓоргоски. Поздравувајќи ги гостите, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски ја нагласи важноста од сојузничката соработка, која е изградена врз доверба и заеднички вредности во рамките на  НАТО – најмоќниот одбранбен сојуз во историјата. Притоа тој истакна дека Армијата има важна улога во придонесот кон мобилноста, брзината, иницијативата, отпорноста и стратешката длабочина на Алијансата, преку своите способности и активно учество во мисиите, операциите и активностите на НАТО, поради што нашата држава е препознаена како кредибилна, ценета и почитувана членка на овој сојуз.

Воените претставници беа брифирани за нашето учество во меѓународните мисии и активности во рамките на НАТО, процесот на модернизација и опремување на Армијата и капацитетите на нашиот национален ресурс АП „Криволак”, кој е еден од најзначајните полигони за обука во Југоисточна Европа.

Националните воени претставници го проследија тактичко-техничкиот збор на кој имаа можност непосредно да се запознаат со дел од вооружувањето, воената опрема и средствата со кои располага Армијата, како и со нивната намена и примена при извршувањето на редовните задачи.

Воедно, тие ја проследија методско-показната вежба изведена од припадници од Баталјонот за специјални намени, Лесната пешадиска баталјонска група и Центарот за одгледување и дресура на кучиња, со што добија непосреден увид во подготвеноста и способностите на Армијата.

Деканот на ешалонот на националните воени претставници, генерал-мајор Стефан Мершеноар од Република Франција, изрази искрена благодарност за гостопримството, високото ниво на организација и содржинските презентации со кои беше претставена Армијата. Тој истакна дека ваквите посети претставуваат значаен придонес кон продлабочувањето на меѓусебната доверба, зајакнувањето на сојузничката кохезија и унапредувањето на воената соработка во рамките на НАТО.

Посетите на ешалоните од национални воени претставници се реализираат на ротациона основа, при што секоја година друга земја членка е домаќин на оваа активност.

Ваквите посети претставуваат значајна можност за размена на искуства и најдобри практики, продлабочување на меѓусебното разбирање и зајакнување на воената соработка меѓу сојузниците. Истовремено, тие придонесуваат кон унапредување на интероперабилноста и градење на уште посилни партнерства во рамки на Алијансата.

Можете да прочитате

Клековски: Што ќе добијат пациентите со дигиталното здравство – податоците го следат пациентот, а пациентот одлучува кој ги гледа

Пет илјади евра казна за Мерко за незаконско поставување спомен обележје на влезот на општинската зграда

Август 2026 екстремно топол и со 67 отсто помалку врнежи од просекот